Марш на сексуалните работници: Не сме безбедни ни во своите домови

Почитување на човековите права, правото на избор и измени на законските регулативи кои ги криминализираат сексуалните работници, побараа денеска сексуалните работници со 12-тиот „Марш на црвениот чадор“ низ Скопје.

Сексуалната работничка Моника истакна дека и по 12 години, стигмата, дискриминацијата и насилството се уште постојат, а институциите и стручната јавност остануваат глуви за нивните барања и проблеми.

„Тука ќе прашам, зошто? Зошто нема никакви промени? Зошто и понатаму треба да работиме во страв, да бидеме малтретирани, злоупотребувани и игнорирани од општеството? Зошто нѐ барате, а не нѐ препознавате?“, запраша Моника.

Истакна дека никој не треба да го одземе нивното право на слободен избор, бидејќи тие ја одбрале сексуалната работа како најдобра опција за заработување за живот.

„Имаме право да работиме ослободени од страв, и да бидеме заштитени од насилство, малтретирања, принудувања и експлоатација. Заслужуваме безбедни работни услови и уживање на своите работнички права“, смета сексуалната работничка која го предводеше денешниот марш.

„Маршот на црвениот чадор“ започна од платото на спомен куќата на Мајка Тереза, за да заврши пред плоштадот „Филип Втори“. Со него се одбележа Меѓународниот ден за борба против насилството врз сексуалните работници, кој секоја година се одржува на 17 декември, низ целиот свет.

Во истражување спроведено на терен од граѓанските организации, во 2018 година документирани се 100 случаи на насилство врз сексуалните работници. Најголем дел од нив, 34, се случаи на семејно насилство.

Не сме безбедни ни во своите домови, изјави Моника. Сексуалните работници порачаа дека нема да престанат тука и понатаму ќе продолжат со борбата против дискриминацијата и насилството.

„Ќе продолжиме да се бориме се додека не добиеме еднаков третман пред законите и од страна на институциите и сите други граѓани во нашето општество. Нашите пораки ‘Стоп за насилството врз сексуалните работници’ и ‘Стоп на родово базирано насилство’, ќе продолжиме да ги шириме и во текот на наредните 365 дена од годината“, порачаа сексуалните работници.

Мартин Колоски