Марсел Бозоне e прогласен за „Актер на Европа 2017“

Марсел Бозоне, легендата на францускиот и европскиот театар, на 6 јули во 21 часот во амфитеатарот во Ресен ќе биде прогласен за „Актер на Европа 2017“.

Во присуство на амбасадорот на Франција и претседателот на Светската асоцијација на театарски критичари Жорж Бани, ќе биде прикажан документарен филм за лауреатот Бозоне, а во чест на јубилејот на фестивалот ректорот на Универзитетот за аудиовизуелни уметности Јордан Плевнеш и ректорот на Националниот универзитетот за филм и театар од Букурешт, Николае Мандеа ќе потпишат меморандум за заедничка соработка.

Точно пред 15 години, кога Европскиот парламент го прогласи Преспанското Езеро за меѓуграничен европски парк помеѓу Македонија, Грција и Албанија, група на европски и македонски интелектуалци го покренаа Интернационалниот театарски фестивал, на бреговите на Преспанското Езеро, кој секоја година ќе го слави како голем подвижник на историјата, неговото величество актерот.

По оваа оригиналност Актерот на Европа го препознаваат насекаде во светот, 15 години и величествените европски имиња Љуба Тадиќ, Брус Мејерс, Раде Шербеџија, Ана Патерсон, Милена Зупанчич, Јон Карамитру, Зијах Соколовиќ, Костас Гакидес, Ирина Евдокомова, Димитри Орготска и други, ја красат уметничката хронологија на овој реномиран фестивал.

По повод јубилејот ќе бидат доделени три Големи повелби, „Балканот – Срцето на Европа“ на личности коишто оствариле капитален придонес во основањето и развојот на фестивалот. О

Македонија со ова високо признание ќе се здобие поранешниот министер за култура и долгогодишен селектор на фестивалот Благоја Стефановски, публицистот од Косово Ќани Мехмеди и актерката од Грција Криса Јоаниду.

Натпреварувачкиот дел ќе биде отворен со претставата „Идиот“ според делото на Достоевски, во изведба на академскиот театар од Букурешт, а во следните денови на фестивалот ќе бидат презентирани ексклузивни театарски остварувања од Бугарија, Косово, Србија, Франција, Грција, Хрватска. Жирито со кое претседава Мето Јовановски, на завршната вечер ќе ги прогласи победниците.