Мароко ќе вгради соларни панели во 600 џамии

Владата на Мароко одлучи џамиите низ државата да бидат опремени со системи за генерирање на соларна енергија, со цел да се поттикне користењето на обновливи ресурси, како и да се намали загадувањето.

До март 2019 година, се планира да има 600 „зелени џамии“, велат од владата. Доколку се оди според планот, до крајот на годинава во 100 џамии ќе бидат инсталирани ЛЕД светилки, соларни грејачи за вода и фотоволтаични системи.

Иновативниот план го спроведува Министерството за исламски работи, а 70 посто од трошоците ќе бидат покриени со партнерски проект со германската влада.

Јан-Кристоф Кунце, директор на проектот, вели: „Сакаме да ја подигнеме свесноста, а џамиите се важни центри на социјалниот живот во Мароко. Тие се место каде луѓето ги разменуваат своите погледи за сите видови на теми, меѓу кои, се надеваме, ќе се најде и темата зошто обновливите извори на енергија се добра идеја“.

Мароко важи за регионален лидер во борбата против климатските промени со скапи проекти, како најголемата фарма на ветерници во Африка, до огромна станица за соларна енергија во пустината Сахара, која се отвори на почетокот на годинава.

Министерката за екологија на Мароко, Хакима ел-Хаите, вели дека религијата многу ќе придонесе во дебатата за обновливи извори на енергија.

„Многу е важно за муслиманските држави да се вратат кон своите традиции и да се потсетат дека сме минијатурни како луѓе пред важноста на Земјата. Мора да ја заштитиме и да го спасиме човечкиот вид во процесот“, вели таа.