Марин за МИА: Обесштетувањето на инвеститорот кај „Мајчин дом“ ќе значи крах на буџетот на Општина Аеродром

Првиот човек на Општина Аеродром, Златко Марин, во интервју за Македонската информативна агенција вели дека се обидуваат да го заштитат плацот кај „Мајчин дом“ од градење и да најдат решение што ќе биде во интерес на граѓаните. Тој вели дека до Уставниот суд поднеле 13 претставки за ДУП И10.

„Единствено оваа институција може да го поништи ДУП и ја очекуваме нивната одлука. Правиме темелни анализи на можностите за наоѓање решение како да се спречи градењето. Како што веќе неколку пати изјавив, бараме решение во две насоки, едната е наоѓање заменска парцела, а другата е преку обесштетување. Секоја од можностите детално се разгледува и анализира“, вели тој во интервјуто.

На прашањето зошто не се воведува мораториум за градба на спорната парцела, градоначалникот одговори дека тоа немало да го реши проблемот.

„Тој само може да го одложи градењето и дополнително да ја искомпликува целата состојба. Мораториумот не му го одзема правото на сопственикот да гради, не го оспорува носењето на ДУП, не влијае на маркичката за градба, не решава ништо. На овој начин само се блокираат сите останати неспорни градби и тековни работи во општината. Со мораториум за градба нема да спречиме градење, само ќе го пролонгираме, а на сметка на тоа може да трпиме и финансиски штети. Решенијата што ние ги баравме беа во насока на трајно решение на проблемот, не во негово одлагање“.

Целото интервју со градоначалникот Марин за МИА може да го прочитате на следниот ЛИНК.