Марија Стојанова: Осмиот БOШ ќе ги буди младите и урбани визионери

Добра забава и дружба што ќе ги разбуди сетилата на секој млад и урбан визионер, е главното мото на осмото издание на алтернативниот фестивал БОШ, кој ќе се одржува од 26-28 август на повеќе локации во Гевгелија.

Досега се познати имињата на дел од изведувачите меѓу кои белградскиот бенд Болесна Штенад  и скопската група KННТ. Според Марија Стојанова, која е дел од организацијата на фестивалот, програмата за оваа година е исполнета со најразлични активности, од изложби и проекции на филмови, па се до промоции на книги и поетски читања. Како појачување, фестивалот склучи соработката и со студентите од Факултетот за ликовни уметности.

„Соработката со ФЛУ се случи спонтано, имавме потреба од млада (студентска) енергија, сакавме да видиме како младите гледаат на БОШ, до каде ќе им оди креативноста и дали подлабоко можат да навлезат во суштината“, вели Стојанова за Радио МОФ.

Тие дизајнираа постер за овогодинешното издание на БОШ, а за најдобар беше избран на Игор Стаменковиќ. Стојанова вели дека постерот го претставува плодот по кој е позната Гевгелија, смоквата, а воедно е еден вид провокација, односно искажување на револт за сите, како што вели, „јади настани“, кои се популарни во Македонија, за разлика од урбаните настани, кои се почесто се истиснуваат од културното живеење.

„Сите постери од студентите ќе бидат изложени, ќе има проекција на студентски филмови, изложба т.е дело / триптих  колаж на Елизабета Линдер. Ќе има 3Д мапирање на објекти низ центарот на градот, селекција на филмови од овогодинесното издание на АстерФест, презентација на филмови на македонските студенти на ФАМУ, Чешка. Потоа, поетско читање, промоција на книга, со активности ќе се појават и членови од Сојузот на извидници на Македонија, штандови на уметници итн“, соопшти Стојанова.

Таа за Радио МОФ вели дека единстевената тематика што ги поврзува сите настани е отсуството на конзервативизмот.

„Да ги оставиме традиционалните вредности таму кај што им е место и време, ние се држиме на урбаното“, рече Стојанова.

Секоја година, БОШ се соочува со потешкотии во финансирањето, сепак досега успешно се одржаа седум изданија на кои учествуваа повеќе од 300 уметници.

„Тешко е како и секоја година. БОШ не добива пари од ниедна јавна институција, па финансирањето е најчесто од спонзори, фирми, помали фондации што ја разбираат потребата да постои еден таков фестивал“, смета Стојанова.

Таа потсети дека и годинава останува можноста за кампување, во просторот сместен во близина на главната сцена. Оние кои сакаат да го направат тоа, ќе треба да си понесат шатор, вели Стојанова. За еден ден, од шатор, ќе се наплаќа 100 денари.

Фестивалот е во организација на Здружението на граѓани за поддршка и промоција на културата – Арт Еквилибриум во Гевгелија. Првото издание на Бош се случи во 2009 година, во чест и сеќавање на прерано починатиот актер и поет, Бошко Бозаџиевски (1981-2008).