Марија Митева, писателка: Експериментот е единствен искрен начин да се провериме до каде сме

Со акустичен настап на виолина и виолончело, како и со драмска интерпретација на текстот, кон крајот на летово во Скопје се одржа промоцијата на книгата „Највисокото дно“, дебитантскиот ракопис на авторката Марија Митева, а промотор на книгата беше професорот и поетот Владимир Мартиновски.

Главната тема на „Највисокото дно“ е константното чувство на празнина. Митева вели дека токму од празнината, произлегуваат помалите суб-теми кои се бават со индивидуалните и општествените аномалии како феноменот на телесноста и естетската убавина, идентитетот, современото чувство на отуѓеност, релациите во љубовта, односот родители-деца, живот-смрт, предавство и пријателство, потрагата по слава.

Со Марија Митева поразговаравме за книжевното експериментирање, како македонското издаваштво ги третира младите автори и како тие се трудат да ги промовираат своите дела.

Авторката вели дека книгата претставува своевиден книжевен експеримент, затоа што е еден вид тест, проба на општеството, на уметноста, на самата себе – преиспитување, излегување од линија, константното губење – без кое нема пронаоѓање.

За да ја напише книгата „Највисокото дно“, на Митева и биле потребни две години, а секојдневието на авторката било исполнето со лепење на листови низ цела соба за подобро составување на приказната, но и будно снимање на туѓите и сопствените гестикулации, размислувања, разговори и истражувања.

„Експериментот е единствен искрен начин да се провериме до каде сме. Затоа експериментот е на две нивоа и општествен и книжевен. Симбиотички дијалог помеѓу ликовите прототипови на луѓе од секојдневието и книжевните претходници кои ги потенцирале истите аномалии во духот на нивното време“, смета Митева.

Музичкиот настап на Александра Јаневска и Сандра Крстевска

За време на промоцијата, текстовите од книгата биле одиграни во форма на драмски монолози од страна на актерката Моника Ставревска. Но, зад драмската игра се криел интерактивниот експеримент со публиката – #ијасимаммаана.

„Публиката немаше поим дека учествува во жив експеримент. Сите седнати во круг, еден по еден си ги кажавме нашите маани. Некои срамежливи, други горделиви, трети со нетрпение да споделат, сите бевме подеднакво дел од #ијасимаммаана. На овој начин се обидовме да го доловиме сетингот од книгата и да ја ставиме публиката во media res“, истакна Митева.

Кога станува збор за односот на издавачките куќи кон помладите автори, Митева вели дека кај нас издавачките куќи се приватни бизниси кои во овие услови функционираат на начин од кој домашните автори се најпогодени – особено оние нови автори кои се комплетно анонимни и без никакви средства за самофинансирање.

„Сметам дека ова е тема која опфаќа многу повеќе слоеви отколку само односот издаваштво – млади автори. Доколку се инвестира повеќе во домашната книжевност, ќе се симне многу голем товар од грбот на авторот, а издавачите нема да мораат да калкулираат помеѓу профитабилноста за сметка на квалитетните ракописи. Не само книжевноста, туку во целост културата и образованието одат рака под рака и затоа треба да се инвестира и финансиски и со квалитетни содржини со цел да имаме здрава, образована младина. Мојата шанса за издавање на книгата е капка среќа што ме пресретна по едно долго патешествие, што не значи дека ја отсликува моменталната состојба на македонското издаваштво“, истакнува авторката.

Актерката Моника Ставревска

Промовирање на новите дела, може да биде голем предизвик за новите автори. Митева додава дека сè уште нема конкретен начин на промоција кој се покажал како плоден, но додава дека има широк спектар да идеи во тоа поле на кои може да се работи и експериментира.

„Уметничкиот совет на Норвешка купува голем дел од примероците од новоиздадена книга и ги дистрибуира до библиотеките. Идејата е дека ова ги одржува во живот многу издавачи и ги поддржува писателите да останат сконцентрирани на креативната работа. Различни начини на продуцирање на книжевноста за сечиј вкус, како на пример издавање на книги во електронски формат – одлична е идејата дека може да имате илјадници книги во вашиот џеб, достапни во било кое време. Поголема поддршка до иницијативите како „Самоглас“, кои покрај тоа што имаат инклузивен карактер, ја афирмираат книжевноста. Секако, тука се социјалните медиуми кои ја олеснуваат комуникацијата со публиката од различни возрасти“, нагласува авторката.

И.С.