Маричиќ: Ќе се подигне нивото на заштита на новинарите и медиумските работници

Министерот за правда Бојан Маричиќ во обраќањето на вебинарот „Изменување и дополнување на Кривичниот законик на Северна Македонија: Решение за зајакнување на безбедноста на новинарите“ изјави дека Министерството веќе започнало постапка за изготвување на нов Кривичен законик во кој ќе бидат вметнати и кривичните дела со кои ќе се подигне нивото на заштита на новинарите и медиумските работници.

„За составување на квалитетен текст на законот веќе како министерство одржавме состанок со претставниците на новинарска фела и новинарските здруженија, вклучително и ЗНМ и синдикатот. Нивните предлози секако се добредојдени, бидејќи само преку отворен дијалог токму со новинарите, ќе можеме да донесеме нов закон кој дополнително ќе ги заштити слободно да си ја извршуваат одговорната работа, а сите оние кои ќе се обидат да ги заплашуваат или пак физички или вербално да нападнат новинари, односно медиумски работници, ригорозно да се казнуваат“, потенцирал Маричиќ.

Министерот вели дека во однос на заштитата на новинарите, работната група за Кривичниот законик предложил измени во одредени кривични дела oд потежок облик, секако доколку делото е сторено против новинар. Казните во иднина треба да бидат уште построги.

„Сакам уште еднаш јавно да ги повикам новинарите, претставени преку нивните синдикати и здруженија да ги продолжиме разговорите со цел да се донесат што поквалитетни закони кои ќе ја гарантираат нивната безбедност и слободна работа“, додал тој.

Покрај законските измени, Маричиќ истакнал дека сепак една од најзначајните забелешки на темата се во насока на тоа дека е потребно поефикасно постапување од страна на институциите кои се надлежни за истражување и санкционирање.