Бугарскиот маратонец Красимир Геогиев започна иницијатива за ултра маратон низ Бугарија, Северна Македонија и Албанија, сакајќи да ги промовира подобрените добрососедските односи меѓу трите балкански земји и пан-европскиот транспортен Коридор 8.
Проектот на маратонецот започна на 7 мај од Црното Море и ќе се одвива во наредните денови, се до 25 мај, кога маратонецот треба да финишира во Драч (Албанија). За време на овој ултра маратон, Красимир ќе се движи од Црното море до Јадранското Море, а треба да помине 20 градови и вкупна должина од 1 300 км. Финалето е на 25 мај во Драч (Албанија), каде што ќе се сретнат тројцата премиери Бојко Борисов, Зоран Заев и Еди Рама.
Општината Крива Паланка е дел од рутата по која ќе трча овој маратонец. Затоа, Општината ги повикува сите спортисти и љубители на ова спортска дисциплина, симболично да се приклучат на иницијативата на Георгиев, кој во Крива Паланка ќе пристигне на 15 мај и ќе ноќева во манастирскиот комплекс ,,Св Јоаким Осоговкски“, а во утринските часови ќе го продолжи својот пат.
Проектот за овој маратон се одржува под мотото „Конективност” или поврзување, и е под покровителство на тројцата премиери – Бојко Борисов, Зоран Заев и Еди Рама.
Маратонецот Красимир се надева дека ќе привлече многу ентузијасти во својата нова авантура, кои ќе му се придружат на патот на поврзувањето и обединувањето и кон вредностите што што ги делат овие земји на патот кон Европската Унија.