Мапа на политичките билборди за ред во хаосот со јавниот простор

Голем број билборди со партиски и политички пораки останаа низ македонските градови и месеци по завршувањето на изборите. Тие и понатаму го окупираат јавниот простор и шират влијание на политичките партии во јавноста.

Ваквиот тренд го анализираа од Центарот за интернет, развој и добро управување – ИМПЕТУС, кои изработија онлајн мапа во која со фотографии и точна локација ги обележаа сите билборди со партиска и изборна содржина кои се наоѓаат низ земјата.

На нивната онлајн мапа регистрирани се вкупно 696 политички билборди во вкупно 22 градови низ Северна Македонија. Најголем дел од нив припаѓаат на Коалицијата „Можеме“ – 268 и на Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ – 255.

„Главната цел е да се создаде ред во хаосот со јавниот простор и локациите дадени за платено политичко надворешно рекламирање. Во контекст на пандемијата КОВИД-19 и организирање и одржување парламентарни избори во јули 2020 година, политичките партии се фокусираат на надворешно рекламирање бидејќи се избегнуваат или пак не се дозволени масовни собири и митинзи. Во оваа смисла, локациите за надворешни реклами (билборди) ја зголемуваат нивната важност за политичките партии и нивните изборни кампањи“, велат од ИМПЕТУС за проектот.

Доминантно билбордите се мапирани во Скопје, каде се обележани дури 457 такви политички реклами.

Од оваа организација велат дека ваквото мапирање е важно бидејќи преку означување на локациите на билбордите се придонесува кон отчетното трошење на јавните пари доделени на политичките партии за нивното рекламирање.

Дополнително од ИМПЕТУС забележале и дека голем број од висечките партиски билборди се непрописно поставени и влијаат и на безбедноста во сообраќајот.

Од организацијата ги повикуваат и граѓаните да се вклучат во оваа акција преку испраќање на фотографии од билбордите во нивните места кои сметаат на просторот наменет за пешаци или велосипедисти, или пак доколку забележат содржини кои навредуваат, омаловажуваат или промовираат „црна кампања“.