МАНУ домаќин на регионална конференција за ретки болести

6-тата научна конференција „Ретки болести во Југоисточна Европа“, во организација на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) во соработка со Педијатриската асоцијација на Југоисточна Европа ќе се одржи во сабота, од 9 часот во просториите на МАНУ.

Целната група се педијатри, интернисти, невролози, нефролози, лекари за фамилна медицина, генетичари, биохемичари, биолози, лекарите од нашата земја и од Југоисточна Европа. Со поддршка од секциите на Македонското лекарско друштво и Лекарската комора на Македонија се очекува импресивен аудиториум.

На конференцијата ќе учествуваат истакнати предавачи од областа на ретките болести, а се очекува присуство од лекари од разновидни специјалности, други професионалци и претставници на организации на пациентите со ретки болести.

Целта на конференцијата е Македонија да се доближи до современите европски текови, како во поглед на знаењата од оваа област, така и во поглед на дијагностиката, третманот, рехабилитацијата и квалитетот на живот на лицата со ретки болести.

Од МАНУ посочуваат дека благодарејќи на овие состаноци повеќе болести што порано не се лекуваа во земјата сега се лекуваат. Истовремено, нови гени, нови молекуларни механизми на настанок на болести и нови лекувања резултираа од истражувањата и во Македонија.

Целосната програма на англиски јазик може да ја погледнете ТУКА.