Манифестацијата „Снежен град“ ќе се одржи на Попова Шапка

Традиционалната детска манифестација „Снежен град“ годинава ќе се одржи од 18 до 22 февруари на Попова Шапка.

Од Детскиот културен центар Карпош соопштуваат дека „Снежниот град“ ќе го градат деца, ученици од повеќе училишта од Скопје и други места.

Распоредени во екипи од по десетина деца со свој ментор тие ќе го изградат својот град кој што на 22 февруари со свечено отворање во 11,00 часот ќе го предадат на посетителите со што почнува вториот дел на манифестацијата „Снежниот карван“ којашто ќе се одвива до 28 февруари.

Во рамките на манифестацијата ќе се одржат и бројни други активности од креативно-рекреативен карактер, како избор на Снежна убавица, спортски игри, пинг понг, билијард, рачен фудбал и пикадо, Снежен крос, Најслатка бонбона, Снежно бинго, Бал под маски и диско-забава за учесниците на Снежниот град.