Манифест по повод Меѓународниот ден на толеранцијата

По повод Меѓународниот ден на толеранцијата, 16 ноември, неколку невладини организации објавија Манифест со кој ги повикуваат сите граѓани на Македонија на заедничко здружување за создадавање општество без стрес и насилство.

-Во денешниот брз и современ начин на живеење, под дејство на се поголемиот економски и социјален притисок, луѓето се повеќе се одалечуваат едни од други, забораваат на човечките вредности и чувството на припадност. Во ова време кога насилството во зборот и делата се повеќе зема замав во земјата но и низ целиот свет, градењето толеранција и разбирање е од фундаментално значење за сите нас. Во се повеќе глобализираниот свет каде општествата се развиваат различно – толеранцијата е од централно значење за заеднички соживот.

Нашата цел е мирен соживот. Толеранцијата е услов за мир, бара слободен проток на идеи, квалитетно образование за сите, почитување на човековите права, како и разбирање на различноста на културите.

Во нашиот заеднички свет, промовирање на толеранција е начин да се изгради хармонија помеѓу различноста која ќе обезбеди подобра иднина. Затоа сите треба да тежнееме кон негување на човековите вредности, меѓуверско почитување, создавање единство меѓу народите, потикнување на социјална одговорност, со еден збор обединување на светот во едно семејство.

Во име на толернацијата коалиција на невладини организации составена: од Уметност на живеење Македонија, Здружение за развој на вредностите на Обединетите нации – СУНА Скопје, НВО Арт Лајф, Ве покануваат на заедничко здружување со цел создавање на општество без стрес и насилство.

Да ги разбудиме човечките вредности кај себе и младите, за да овозможиме себе си, а со тоа и на младите, радост, љубов, внатрешен мир, меѓусебно помагање, зацврстување на чувството на припадност и поврзаност во сите сегменти на животот, се наведува во Манифестот.