Мандела остави наследство од 4,1 милиони долари

Поранешниот претседател на Јужна Африка, Нелсон Мандела во наследство остави имот и пари во вредност од 46 милиони ранди (4,1 милиони долари), соопштија адвокатите при денешното отворање на тестаментот на првиот црнечки шед на јужноафриканската држава.

Мандела остави наследство од 4,1 милиони долари

Во наследството на Мандела се наоѓаат една куќа во Јоханесбург, стан во неговата родна провинција Источен Кејп, како и средствата од авторските права од сите негови книги, вклучувајќи ја и автобиографијата „Долго чекорење до слободата“.

Според тестаментот на Мандела, од вкупните средства, 1,5 милиони ранди ќе одат во семејната фондација, од која ќе се обезбедуваат средства за потребите на неговите 30 деца, внуци и правнуци.

Од останатите средства по 50.000 ранди ќе добијат деветмина поранешни соработници на Мандела, а по 100.000 ранди ќе им бидат дадени на шест образовни институции.

Извесна сума од наследството на Мандела, кој почина на 5 декември минатата година на 95-годишна возраст, ќе добие и неговата партија Африканскиот национален конгрес, со задача „да ги промовира своите принципи и да работи на политиката на национално помирување.

Адвокатите во оставинската постапка изјавија дека засега нема сознанија дека кој бил член на семејство ќе вложи приговор на тестаментот.

Паралелно со паричните средства дел од наследниците на Мандела го искористија неговото име како извор за заработка. Така, неколкумина од внуците почнаа да произведуваат капи и патики со името на Мандела под мотото „Долго чекорење до слободата“, додека две негови правнуки, кои живеат во САД, направија реално шоу наречено „Да бидеш Мандела“.