Манчевски: Силни заштитни механизми од нелегално прислушување

Владата ќе воведе силни заштитни механизми за да се спречи нелегалното прислушување, порача министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на вчерашната промоција на студијата „Кон граѓанскиот паноптикон Подобра рамнотежа меѓу заштитата на приватноста и потребата од следење на комуникациите“.

Министерот Манчевски, стои во соопштението од МИОА, се осврна на проблемот со масовното прислушувањето спроведено од претходната власт и на заложбите на новата Влада, никогаш повеќе да не се повтори нарушување на приватноста на граѓаните на Република Македонија.

„Владата е свесна за огромната важност на соодветното нормирање на прашањата поврзани со следењето на комуникациите. Впрочем нема кој повеќе да биде, со оглед на тоа што ние бевме и главна цел на прислушувањето. И затоа, ми преставува особено задоволство што и граѓанските организации вложуваат значителни напори за надминување на предизвиците и отворените прашања поврзани со следењето на комуникациите“, истакна министерот Манчевски.

Новата Влада, како што вели, има особен интерес за соодветно решавање на ова прашање.

„Тоа го демонстрираме со фактот дека во четири различни приоритети од Планот 3-6-9 – собрание, судски реформи, реформа на разузнавачките и безбедносните служби и борба против организираниот криминал и корупција  се вклучени мерки кои го адресираат следењето на комуникациите“, наведува министерот.

Манчевски најави дека мерките во таа насока ќе бидат имплементирани како итен приоритет.

„Техничките способности за пресретнување на комуникациите ќе бидат под силна независна контрола, вклучително и судска контрола“, истакна министерот Манчевски.