Манчевски ги повика членовите во советите на МРТВ И ААВМУ да дадат оставки за да почнат реформите

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски ги повика членовите во советите на Македонската радио телевизија (МРТВ) и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) да поднесат оставка за да се спроведат медиумските реформи во Македонија.

„Сакам да апелирам на совест и доблест на луѓето кои членуваат во Советот на МРТВ и Советот на Агенцијата. Апелирам пред се за нивната  лична храброст да поднесат оставка. Да дозволат медиумските реформи да се случат во Македонија. Да дозволат политичарите и сите политички партии да ги тргнат рацете од медиумите. Да дозволат отворена и транспарентна постапка во којашто јавно, со име и презиме ќе се изберат членовите на овие две тела. Ќе можат и тие повторно да аплицираат и доколку исполнуваат услови да бидат избрани повторно. Мораме конечно да продолжиме со реформите во медимскта сфера и со сите останати реформи кои од процедурални причини, но во позадина поради партиски интереси и со барање за амнестија, континуирано се кочат“, изјави Манчевски на пресконференција во рамки на седницата на Комисијата за транспорт и врски, каде се разгледуваат Измените во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Манчевски се пожали дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Собранието продолжува да го кочи новиот Закон за АВМУ, со објаснување дека на комисијата веќе половина година се зборува за сè освен за Законот.

Според министерот, измените во Законот за АВМУ гарантираат услови за професионализација на медиумските тела, овозможуваат слободно и независно работење на медиумите во државата и даваат шанса политичарите да ги тргнат рацете од медиумите.

„Најзначајниот исчекор што се прави со овие измени е конечна професионализација на Советот на АВМУ и на МРТВ. Тоа Законот го обезбедува преку транспарентен процес на избор, поставување на јасни критериуми за кандидатите и вклученост на сите засегнати во процесот, за да се оневозможи политичко влијание и неквалитетни, партиски кадри да бидат дел од советите“, изјави Манчевски.