Пратениците на претежно католичкиот остров Малта ги легализираа геј браковите. Со 66 гласови „за“ наспроти само еден „против“, малтешкиот парламент го одобри законот и традиционалното „ве прогласувам за маж и жена“ во матичарската служба го заменија со „сега сте сопружници“.
Единствениот пратеник кој гласал против вели дека својот глас го дал поради неговата вера.
„Христијански политичар не смее да ја напушти својата совест кога ќе влезе во парламентот“, вели Едвин Васало.
Во 2014 година на геј паровите во Малта им беше овозможено да стапуваат во граѓанска заедница. Посвојувањето на деца од страна на истополовите парови е исто така легално, иако абортусот сè уште е забранет.
Минатата година, бројот на исклучиво граѓански бракови го надмина бројот на венчавки во црква за прв пат.
Чекорот е уште еден доказ за трансформацијата на Малта од некогаш конзервативна нација на 440.000 жители, каде разводот беше илегален до 2011.
Премиерот Јозеф Мускат вели дека би било дискриминирачки да се имаат посебни закони за паровите од различен и од ист пол.
Законот исто така повикува на отстранување на термините „татко“ и „мајка“, кои ќе бидат заменети со „родители“. Лезбијските парови кои ќе имаат деца со помош на медицинска интервенција ќе се разликуваат со „лицето кое го родило детето“ и „другиот родител“.
Повеќе од десет европски земји го легализираа истополовиот брак, сите од нив во западниот дел од континентот.
Повеќе од 10 други, меѓу кои и Италија, имаат некаков вид на истополова заедница или граѓанско партнерство.