Малолетните мигранти од Грција ќе бидат пренесени во Луксембург од следната недела

Малолетните мигранти кои се наоѓаат во Грција, следната недела најверојатно ќе бидат пренесени во Луксембург, објави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

„Се работи за ‘1.600 малолетници без придружба’… првите летови ќе одат за Луксембург најверојатно следната недела. Осум земји изразија подготвеност да ги преземат тие деца“, рече Фон дер Лајен, не наведувајќи за кои земји се работи, ниту пак колку деца ќе бидат пренесени во Луксембург со првиот бран.

„Многу сме благодарни што тие земји прифатија да ги примат децата“, додаде таа.

Владата на Хрватска на почетокот на март изрази подготвеност да помогне во прифатот на малолетниците од мигрантските кампови во Грција.

Последните денови засилени беа повиците на невладините организации за евакуација на децата од пренатрупаните мигрантски кампови на Егејските острови, поради пандемијата на коронавирусот. Многумина се плашат од ширење на епидемијата во камповите во кои не можат да се спроведат потребните мерки, ниту социјалното дистанцирање, а ниту редовното миење на рацете. Фон дер Лајен истакна дека е само прашање на време кога Ковид-19 ќе се прошири по камповите.

На почетокот на март, германската влада најави дека група земји од Европската унија ќе примат до 1.500 деца од грчките кампови, пред се оние на кои им е потребна итна помош заради болест, потоа деца без придружба до 14 години и првенствено девојчиња.

Но, од тогаш не се случи ништо конкретно, а се повеќе се зголемуваат гласините за десетици илјади мигранти кои живеат во очајни услови без основна хигиена и претставуваат „санитарна бомба“, според грчката влада.