Малолетната палестинска активистка Ахед Тамими ослободена од затвор во Израел

17 годишната палестинска активистка Ахед Тамими утринава беше пуштена од затвор, каде мина осум месеци заедно со нејзината мајка Нариман, поради напад врз израелски војници. Ахед Тамими закажа прес конференција за попладнево во нејзиниот роден град Наби Салех, во палестинската област Западен Брег.

Едно од најпрепознатливите лица на палестинските протести, Тамими стана позната во декември 2017 година, кога се прошири видео снимка на која се гледа како таа удира шамар на израелски војници пред нејзиниот дом. Таа прифатила да се изјасни како виновна за напад пред судот, по што добила осуммесечна затворска казна.

Тамими кај Палестинците стана симбол на отпорот против израелската окупација, додека поголемиот дел Израелци ја гледаат како девојка која прави неволји за да добие јавно внимание.

„Очекуваме да продолжиме со нормален живот“, изјавил нејзиниот татко Басем, кој воедно соопштил дека семејството ги прекинува протестите кои ги организираа секоја недела во Наби Салех, и дека ќе се фокусираат на избор на факултет за Ахед.

Сепак, зборувајќи за новинската агенција ДПА, Басем додал дека „окупацијата го принудува семејството на протести“.