Малку настава, нестандардно оценување и ниски критериуми за наставниците – дел од причините за образовните неуспеси според ОЕЦД и УНИЦЕФ

Половина од учениците на 15-годишна возраст во Северна Македонија не покажале вештини во трите главни предмети во кои биле оценувани и учениците заостануваат речиси четири години зад врсниците од земјите на ОЕЦД, се наведува во извештајот „Прегледот на образовниот систем во земјата од 2018 година“ кој го изработија ОЕЦД и УНИЦЕФ.

Како главни причини за негативните трендови во образовниот успех во Северна Македонија, во извештајот се издвојуваат следниве предизвици:

  • Иницијалното образование не им обезбедува на новите наставници стекнување на основните компетенции за настава. Критериумите за избор на кандидати за идни наставници кои имаат добри академски знаења и вештини за држење квалитетна настава се многу ниски.
  • Наставниците не добиваат доволно можности за континуиран професионален развој во споредба со колегите во регионот, а училиштата имаат многу мала финансиска поддршка за организирање обуки за своите вработени.
  • До возраст од 14 години, учениците во основно училиште добиваат речиси 900 часови настава помалку од просекот на ОЕЦД. Краткото траење на наставата во училиште ги ограничува можностите за учење и одржување на додатна и дополнителна настава.
  • Оценувањето не се заснова на воспоставени наставни стандарди, па затоа не дава веродостојни и целисходни информации за успехот на учениците.
  • Само 28% од децата со попреченост посетуваат основно образование. Медицинската категоризација на децата и натаму е начин детето да се движи низ образовниот систем и во услови на постење специјални училишта, како и посебни паралелки во редовните училишта, не може да стане збор за единствен несегрегиран систем за образование.
  • Користењето на истражувања и евалуација при креирањето политики е недоволно и недостига национална стратегија за оценување за да се следи успехот на ученикот. Одлуките најчесто не се носат врз основа на расположливите резултати од истражувањата, со што се ризикува политичките фактори да имаат пресудно влијание врз она што е најважно за наставата и учењето.

Помеѓу препораките до македонските институции, кои произлегуваат од извештајот, ОЕЦД и УНИЦЕФ посочуваат дека е потребно:

  • Воведување на систем за напредување во кариерата и зголемување на можностите за професионален развој на наставниците.
  • Зголемување на бројот на наставни часови за учениците во основно образование.
  • Изготвување на Национални стандарди во основното образование пред да се ревидираат или да се воведат нови наставни програми.
  • Заложба за целосно вклучување на учениците со попреченост во системот на редовно образование.
  • Формирање на Одделение за истражување и анализа и јасно дефинирање на неговата цел.

Целосниот извештај може да го најдете на следниов ЛИНК.