Малезиските бунтовници на социјалните медиуми

Во 1968 година, впечатливите постери на „Atelier Populaire“ ги искажуваа мислењата на француските студенти кои се борат за промени. Речиси 50 години подоцна, движењето инспирирало нова генерација на активисти, илјадници километри источно од Малезија.

Децении порано, на улиците на Париз, рачно нацртаните постери на Atelier живописно го преточуваа гневот на луѓето фрустрирани од зголемената невработеност и растечките животни трошоци. Во Малезија, 38-годишниот активист Фахми Реза и колективот на уметници кои се нарекуваат себеси Графички бунтовници за протест и активизам (Grafik Rebel untuk Protes & Aktivisme) GRUPA, се мотивирани од бесот предизвикан од скандалот на државната фирма за инвестиции, 1MDB, и стотиците милиони долари префрлени на приватните банковни сметки на премиерот Наџиб Разак.

Обвиненијата се уште се истражуваат во САД, Швајцарија и Сингапур, но јавниот обвинител на Малезија во јануари одлучи дека нема да поднесe тужба бидејќи премиерот рекол дека парите се „подарок“ од Саудиска Арабија и негира било каков прекршок.

„Оружје во служба на борбата“

Вчудовиден од одлуката, Реза бил инспириран да нацрта карикатура од премиерот како кловн, и ја споделил со своите 7500 следбеници на Твитер. Сликата, која се проширила на социјалните медиуми, била придружена со текст во кој пишува: „Во земја преполна со корупција, сите ние сме бунтовни“.

„Се надевам дека моето противење и непослушност против властите ќе ги инспирира другите да го направат истото“, вели Реза. „Луѓето мора да соберат храброст да се спротиват на неправдата и корупцијата“.

Како и „Atelier Populaire“, кои ги сметаат своите постери зa „оружје во служба на борбата“, Реза гледа на својата уметност како да игра витална улога во подигнувањето на свесноста за политичките проблеми и агитира за промена. Самиот кловн бил инспириран од „God Save the Queen“ сликата на Џејми Рид, за омот за албум на „Sex Pistols“, која ја прикажува кралицата Елизабета II со безопасна игла на усните, и е една од најпознатите слики кои ја дефинитаат панк ерата.

Неговата одлука да го претстави Наџиб како „злобен кловн“ била смислена за да привлече внимание на „нивото на апсурдност кое се користи за да се прикрие скандалот и корупцијата“, изјавил Реза за Ал Џазира од Тајланд, каде тој работи. „Нашата земја ја водат будали и крадци“.

Претерување на социјалните медиуми

Социјалните медиуми се покажаа особено популарни во Малезија, каде „мејнстрим“ медиумите се во сопственост на владата или коалициските партии, кои строго ги контролираат. Малезијците ги користат Фејсбук, Твитер или другите платформи за да ја дискутираат состојбата во нивната земја, да споделат приказни од медиумите и да разговараат со пријателите. Политичарите се некои од најентузијастичните корисници.

Но, во последните неколку месеци, властите испратија опомена до оние кои „претерале“, блокирајќи веб страници, меѓу кои и „Asia Sentinel“ и „Sarawak Report“, кои го критикувале премиерот. „Sarawak Report“ бил меѓу првите медиуми кои известувале за 1MDB скандалот.

Платформата за блогирање, „Medium“, исто така била блокирана откако компанијата одбила да го отстрани Sarawak Report од страницата. Malaysian Insider, значајна веб страница за вести, исто така била блокирана, а нејзините уредници биле испрашувани за сторија поврзана со истрагата за обвиненијата против премиерот.

„Од исклучиво дигитална перспектива, гледаме нешта кои не сме ги виделе претходно“, вели малезискиот аналитичар за дигитална култура Ники Чонд, кандидат за докторат и истражувач на социјалните медиуми на Универзитетот на Нотингем во Велика Британија.

„Ова е огромен удар за секоја слобода – на говор, на печат, на изразување, бидејќи е многу повеќе од Medium или текстовите на Sarawak Report. Ова е слично на забрана за користење на Фејсбук или Твитер, само затоа што Фахми реши да ги објави сликите таму“, смета тој.

„Нешта кои не сме ги виделе претходно“

Електронските и социјалните медиуми се регулирани според Актот за бунт од 2015, според Amnesty International, а новоформиран комитет кој ќе ги контролира социјалните медиуми се сретна годинава за прв пат. Управуван од министерот за комникации и мултимедија, Салех Саид Керуак, меѓу неговите членови има и полицајци и јавниот правобранител.

Коментирајќи ја суспензијата на „Malaysian Insider“, Керуак рекол дека Малезијците се се уште слободни да ги изразат своите гледишта.

„Има слобода на говор во Малезија. Можеме да имаме различни мислења, можеме да ги кажеме своите погледи. Тоа не е проблем, но има одредени нешта со кои треба да бидеме внимателни“, рекол Керуак.

Кловнот на Реза предизвикал опомена до Твитер од Центарот за сајбер истраги на полицијата, кој има отворено сопствен профил на платформата. Шокиран но незаплашен, Реза објавил пародија на предупредувањето од Малезиската комисија за комуникации и мултимедија, во која била објавена и оригиналната карикатура, како и барање до луѓето да го споделат.

Во меѓувреме, колектив од повеќе од 60 графички уметничи познати како GRUPA (Графички бунтовници за протест и активизам), започнале да цртаат и споделуваат свои слики.

„Ако несогласувањето е највисоката форма на патриотизам, тогаш нашето противење требаше да се регистрира визуелно“, рекле од GRUPA во колективен мејл до Ал Џазира.

Езрена Марван, дизајнер хонорарец и предавач, развива архива на малезискиот графички дизајн, каде е забележан неговиот развој под колонијалното владеење, за време на јапонската окупација и во ерата на независност, кога графичкиот дизајн бил претежно користен од оние кои имале моќ.

„Се чувствувам горда што дизајнерите се противат на нешто што е над естетиката, над нивната индустрија, за да искажат политичка порака“, вели Марван. „Добро е да се види дека луѓето го нарушуваат наративот за тоа што ние сметаме за норма“.

GRUPA стана позната на Берсих парадата минатиот август, кога дизајнираа повеќе од 100 впечатливи плакати за демонстрации и протести, кои се достапни за преземање. Како и „Atelier Populaire“, избраа да останат анонимни“.

„Сакавме да ја одиграме нашата улога во визуелизирање на гневот на обичните граѓани како нас, кои излегуваа на улиците за да се слушне нивниот глас“, велат од GRUPA.