„Мала волшебна флејта“, детска оперска претстава во МОБ

Детската оперска претстава „Мала волшебна флејта“ ќе се игра во недела, 6 март, во објектот на Македонската опера и балет.

Претставата е адаптација за деца на популарната опера „Волшебната флејта“ од Волфганг Амадеус Моцарт, на македонски јазик.

Во неа, преку убавата музика на Моцарт, децата ќе имаат можност да дознаат одговори на неколку прашања: Дали Сарастро е навистина лош (злобен) волшебник? Што работи Папагено, кој ја уби змијата и зошто тој лаже? Што добиваат Тамино и Папагено, од Памина и Папагена и што на крајот победува?

Од Македонската опера и балет појаснуваат дека поставувањето на оваа оперска претстава е во рамки на проектот за музичка едукација на најмладата популација. Претставата почнува во 12 часот.