Макстил ќе паузира со работа, Југохром бара две години за исполнување на еко-стандардите

Компанијата „Макстил“ од денеска привремено ќе го запре производство во погонот Челичарница, комбинатот за феролегури „Југохром“ пак бара продолжување за две години на рокот за воведување на еколошки стандарди во објектот. Ова се најавите на двата големи индустриски капацитети кои на последниот ден од рокот, се уште немаат добиено А-интегрирана еколошка дозвола.

Погонот Челичарница на „Макстил“ во скопска Железара ќе паузира со работа се додека не се стави во целосна функција новата филтерска постројка, информираат од компанијата.

„Во престојниот период ноември 2014 – јануари 2015 следува завршната фаза од реализацијата на проектот нова филтерска постројка. Таа опфаќа монтажа и поврзување на новата постројка со постоечките инсталации. Од средината на декември 2014 до средината на јануари 2015 следуваат ладни и топли проби, по што погонот Челичарница повторно ќе биде активиран, а ќе работи по најстрогите европски норми за емисии на издувни гасови во амбиенталниот воздух“, најавуваат од „Макстил“.

Од „Југохром“ од Јегуновце пак вчера попладне доставиле барање до Министерството за животна средина и просторно планирање, за продолжување на рокот за исполнување на еколошките критериуми. За ова барање денеска одлучува Владата. Како што претходно информираше министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири, „Југохром“ нема ниту почнато со исполнување на оперативниот план. Комбинатот досега неколкупати доби продолжување на рокот од институциите.

Загадувањето од  „Макстил“,и  „Југохром“, беше повод за повеќе протести на граѓаните на Скопје и Тетово изминатиов период, со единствено барање, да запре труењето на граѓаните од фабричките оџаци.