Максимално намалување на осветлувањето на државните патишта поради енергетската криза

Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) започна постапка за дополнително етапно спроведување на максимална рестрикција на осветлувањето поставено на државните патишта, со запазување на безбедноста на сообраќајот во ноќните часови, информираа преку нивната Фејсбук страница.

Рестрикции на осветлувањето пак нема да се вршат во тунелите на државните патишта во земјава, додаваат тие.

ЈПДП започна со намалување на осветлувањето во ноември минатата година, спроведувајќи ја одлуката на Владата со која се предвидува минимален сигурносен обем на осветлување на улици, плоштади и други објекти, која ги опфаќа и патиштата, со цел растеретување на енергетскиот систем од недостиг на електрична енергија во земјава.

Оттука тие ги повикаа возачите да ја прилагодат брзината на движење спрема условите на патот и да бидат внимателни заради нивна безбедност и безбедност на останатите учесници во сообраќајот.