Макрон им нуди грантови на американските научници чии фондови ги скрати Трамп

Францускиот претседател Емануел Макрон им нуди зделка на американските научници кои останаа без финансии за своите истражувања откако Трамп е претседател на САД.

После контроверзната одлука на Трамп САД да излезе од Парискиот климатски договор минатата недела, Макрон им понуди на истражувачите, наставниците и студентите можност да аплицираат за четиригодишен грант кој им овозможува да продолжат да ги истражуваат климатските промени во Франција.

„Каде и да живееме, кои и да сме, ја делиме истата одговорност“, изјави Макрон во говор објавен на веб страницата Make Our Planet Great Again, игра со зборови „позајмена“ од кампањскиот слоган на Трамп.

„Знам дека вашиот нов претседател сега реши да ги загрози вашиот буџет, вашите иницијативи, и е екстремно скептичен за климатските промени“, вели тој. „Јас немам никакви сомненија за климатските промени“.

Веб страницата ги упатува оние кои се заинтересирани за аплицирање за тоа како да се преселат во Франција, преку добивање на работна виза и дозвола за живеење.

„Ќе можете да останете во Франција најмалку за времетрањето на грантот, но и подолго доколку ви биде одобрена постојана позиција“, пишува на веб страницата.

„Нема ограничување за вашиот/та сопруг/га да работи во Франција. Ако имате деца, знајте дека француските јавни училишта се бесплатни, а школарините на универзитетите и вишите школи се многу поевтини во споредба со американскиот систем“, додава Макрон во поволностите кои ги нуди на американските научници.