Макрадули во одбрана на Планот за чист воздух: Тој е реален и ќе даде резултат

Работата на инспекторите и на индустриските капацитети, како и управувањето со отпадот, се прашањата кои најмногу се повторуваа на првиот онлајн „разговор“ на заменик-министерот Јани Макрадули со граѓаните. Со одговорите тој го промовираше новиот ткн. План за чист воздух, кој треба да даде решение за аерозагадувањето. Сепак, половина час не беше доволно да се одговорат ниту половина од поставените прашања на Фејсбук и Твитер.

Макрадули посочи дека ги лоцирале загадувачите во транспортот и градежништвото. Тој во неколку наврати нагласи дека најголемиот фактор за загадувањето на воздухот се токму домаќинствата, со употреба на јаглен и други средства кои ја зголемуваат калоричната моќ на неефикасните печки.

„Социјалните случаи кои се греат на нееколошки средства ќе добијат помош од државата и директна замена на она што го користат“, вети заменик-министерот.

Но, прво заменување на нееколошките системи за загревање ќе има во градинките и училиштата.

„Недозволиво е едно училиште, или градинка да троши 30 000 евра во зимскиот период некогаш и до 40 000 евра за нафта“, рече тој.

„Некои домаќинства ќе добијат инвертори, некои топлотни пумпи, а некои повторно ќе ги приклучиме на парното греење“, истакнувајќи дека еден инвертор чини 250 евра.

Дел од коментарите на јавноста се однесуваа и на буџетот одвоен за справувањето со аерозагадувањето.

„Ние сакаме да се справиме со загадувачите, а не да им купиме маски на сите луѓе. Маската не е решение за справување со загадувањето“, одговори тој на едно од прашањата упатени на социјалните мрежи.

Заменик-министерот појасни дека 1,6 милиони евра ќе бидат само за намалување на аерозагадувањето, а 22 милиони за останатите области од животната средина. Сепак, признава дека овие средства не се доволни, но според него е добар почеток, надевајќи се на неколку најавени меѓународни финансиски институции.

„И со овие средства ќе покажеме дека постојат резултати“, рече Макрадули.

Во однос на субвенциите за возила – појасни дека при субвенционирањето нема да се прави разлика меѓу правни и физики лица, односно 3000 евра ќе изнесуваат субвенциите за хибридно возило, а 5000 за електрично. Надополни и дека до некои органи на владата веќе има барање да користат еколошки превозни средства. За налепниците, пак, повтори дека се добиваат врз основа на нивото на емисии што ги ослободуваат, а не според годината на производство.

Инспектори, проверки и работа на индустриските капацитети

Една од работите кои најмногу ја интересираше јавноста беше и работата на инспекторите и на индустриските капацитети.

„Во Македонија има вкупно 396 компании со легални дозволи, од кои 160 со А, од кои пак 125 се активни и 236 со Б дозволи. Има и компании кои работат со усогласување на оперативниот план, како Југохром, според кој од 2014година не успеа да се усогласи, да набави филтри и сега не работи“, рече Макрадули.

За инспекторите, пак, одговори: „Секогаш инспектори нема, но тројца инспектори кои постоеја во Град Скопје до 2017 година, сега се 18. Има уште нови 5 во Државниот инспекторат“.

Информираше дека во моментов на Електронскиот регистар на прописи – ЕНЕР е поставен Законот за инспекциски совет, кој ќе биде чадор на сите инспектори и како што рече, ќе овоможи поголема моќ за интервенција и ќе спречи избегнување на одговорност.

Во однос на проверките кои ги прават инспекторите, Макрадули рече дека може да бидат редовни, или вонредни. Информира дека во изминатиов период се зачестени.

„Инспекторите на Градот Скопје ги проверија вонредно сите компании коишто имаат Б дозвола, и во месеците септември и октомври, годинава, се изречени дупло повеќе казни од лани“, нагласи Макрадули.

За мерењата на штетните емисии кои ги испуштаат индустриските капацитети, заменик-министерот одговори дека нив ги вршат акредитирани лаборатории.

„Во моментов се врши акредитација на лаборатријата што постои во Министерството за животна средина. За таа цел се набави скапа вага која беше расипана“, соопшти тој.

За поголемите индустриски капацитети како „Макстил“ и „Усје“ тврди дека постојано се мерат.

„За една инсталација да добие дозвола, мора да има мерен инструмент и тие ги мераат податоците и ги доставуваат до Министерството или ги објавуваат на веб страницата“, рече Макрадули.

„Се вршат редовни и строги контроли“, забележа тој.

„Со новиот закон за индустриски емисии уште повеќе ќе се зголемат тие контроли“, ветува заменик-министерот.

Информира дека РЕК Битола потпиша договор со компанијата „МЗТ Инженеринг“ за 22 милиони денари да најде решение за прашината, која долг период ги покриваше почвата и земјоделските поседи во околината.

„Ќе почне и процесот на обнова на електростатските филтри, ќе се заседат 50 00 багреми, а досега се засадени 20 000“, вети тој.

Линданот од ОХИС

За линданот од ОХИС, за кој Радио МОФ уште пред две години пишуваше , Макрадули рече дека со работната група во која членуваат министерот Садула Дураки, генералниот секретар на Владата и министерот без ресор Аднан Ќахил, е подготвен план за справување со овој горлив проблем, иако не соопшти кој е тој.

„Се одлучи по стечајната постапка, парите од продажбата на објектите да одат за средства за чистење, покривање на поголемиот отпад, а помалиот ќе се третира со современи техники и пракси. Мислам дека ќе биде навистина пријатно изненадување. Јас бев скептик, но работите одат позитивно“, одговори тој.

Закон за справување со отпад

Во однос на палењето отпад, за кое граѓаните постојано алармираат, пријавуваат и праќаат фотографии на социјалните мрежи, Макрадули одговори дека Град Скопје за првпат поднел неколку кривични пријави за палење на оган на отворено. Истакна дека според нивните информации, во државата нема радиоактивен отпад.

Законот за управување со отпад, пак, треба да помине на Влада, откако е завршено првото читање, соопшти заменик-министерот.

„Ќе ги исполниме сите директиви кои се бараат од нас“, вети тој.

Едно од повеќето прашања кои ги упати Радио МОФ беше и за комуникацијата во министерството при донесување на одлуки. Макрадули одговори дека тој и Дураки се во одлична комуникација, но дека секој си ја врши својата функција.

Е.П.