Макрадули: Планот за чист воздух се имплементира, обезбедивме средства за еколошки ефикасно и штедливо греење на домаќинствата

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули денеска на прес-конференција рече дека со Планот за чист воздух, како еден од врвните приоритети, Владата на неколку од последните седници донела низа мерки и дополнувања за поефикасни резултати во справувањето со ова прашање.

Односно, донесена е одлука за пренамена на средствата од Планот со цел да се замени системот на затоплување во болницата во Струмица од нафта на гас.

„Со тоа, се дозаокружи имплементацијата на првиот План за чист воздух во вредност од 2 милиони евра“, рече Макрадули.

Исто така, тој рече дека за замена на опрема на нееколошки системи за греење во домаќинства, градинки, основни и средни училишта, здравствени објекти и административни објекти, се прифатиле апликациите на сите 19 општини кои аплицираа, без разлика дали има мерна станица или не.

„Во рамки на општините, ќе се распределат средства и објекти. Во 16 општини ќе бидат поддржани проекти за енергетската ефикасност. Во 8 општини, вклучително и о Градот Скопје се определени средства за нови површини со урбано зеленило. Обезбедени се средства за пречистувачи 34 училишта. Исто така, филтри за компаниите“, рече Макрадули.

Тврди дека ова се само дел од активностите што Влада ги реализираат, а покрај тоа, секоја институција влегува во постапки за замена на неефикасните извори на затоплување.

„Како пример, дозволете да го нагласам почетокот на процедурата во МВР кое покрена постапка во две полициски станици, во Струмица и во Кочани, греењето на нафта да се замени со гас, односно со помош на термални пумпи. МЕПСО во рамки на своите ингеренции донесе Одлука за поддршка на Планот за чист воздух 2019 и издвои средства со кои ќе биде заменето затоплувањето во една градника во општина Центар од нафта на електрична енергија. Покрај јавните институции (градинки, училишта и здравствени установи), како Влада имаме уште една битна компонента во имплементацијата на Планот, а тоа се домаќинствата кои користат огревно дрво за затоплување“, рече Макрадули.

Заменик-министерот најави дека во општините на Градот Скопје, Тетово, Битола и Кичево ќе започнат со доделување средства за целосна замена на печките на дрва со високо ефикасни инвертер клими. Граѓаните во зоните каде загадувањето е најголемо (зони со ниски емисии), согласно закон, вели тој, ќе можат да набават инвертер клими.

„Сакам да напоменам дека споредбено трошоците за инвертер клими се помали од оние кои е се потребни за греење со дрва. Вкупни годишни трошоци за греење на површина од 60 м2, за инвертер клима е 11.734, за дрва  – 18.586, а за нафта за домаќинство – 43.038 денари. Греењето со инвертер клими е еден од најеколошките начини на греење и, согласно сегашните цени, и најекономично. Освен тоа, покрај загревањето во зимскиот период, инвертер климите во летните месеци ќе ги ладат домовите на граѓаните“, нагласи тој на прес-конференцијата.