Макрадули најави научно советодавно тело за справување со аерозагадувањето

Заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули, на работилницата на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, најави формирање на советодавно тело составено од експерти и научници со кое ќе соработуваат на подобрување на животната средина.

На работилницата, организирана во соработка со Министерството, ФИНКИ и ФЕИТ, заменик министерот зборувал за предизвиците на новите технологии на мониторинг на квалитет на воздух, законската усогласеност и подобрувањето на квалитетот на податоците, како и за зголемувањето на покриеноста и развојот на идните мрежи за мониторинг.

Како што соопштија од Министерството, Макрадули истакнал дека се залага за институционализирање на едно советодавно тело кое Министерството за животна средина и просторно планирање планира да го формира со експерти од македонските универзитети, МАНУ и Фондот за иновации.

Во рамките на ова советодавно тело предвидено е и да се бараат фондови за финансирање на сите активности и решенија за научно и долгорочно справување со аерозагадувањето, а Макрадули најавил и информатичка платформа која ќе ги обединува сите податоци, мерења, студии и истражувања, заедно со предлози и решенија како да се подобри ситуацијата со аерозагадувањето