Макрадули го доби Мијалков пред Судот за човекови права во Стразбур

Европскиот суд за човекови права во Стразбур констатира повреда на правото на слободата на изразување на актуелниот заменик министер за екологија Јани Макрадули, во случајот кој против него го водеше поранешниот директор на Управата за контраразузнавање, Сашо Мијалков.

„Ваквата пресуда, во корист Јани Макрадули, е во врска со тужбата на поранешниот директор на Управата за контраразузнавање, Сашо Мијалков, за јавно изречена клевета.

Судот во Стразбур утврди дека осудата на Макрадули, значи прекршување на членот 10 од Европската конвенција за човекови права,  односно повреда на неговата слобода на изразување.

Според Судот, коментари во врска со имотот на јавни службеници, и нивна можна вклученост во неадекватни активности се однесуваат на значајни прашања од јавен интерес и истите се во согласност со начелата од членот 10 од конвенцијата.

Дополнително, според судот, интервенцијата на државата во слободата на изразување на апликантот, а со цел заштита на угледот на поединци, во конкретниот случај претставува повреда на стандардите од член 10 од Европската конвенција за човекови права“, стои во соопштението испратено до медиумите од Министерството за правда.

Со пресудата, судот во Стразбур на Макрадули му досуди износ од 1500 евра за надомест на нематеријална штета и 1020 евра за трошоци во постапката. Овие средства се исплаќаат од буџетот на Македонија.