„Макканабис“ бара Владата да го врати законот за опојни дроги и да дозволи извоз на сув цвет од канабис

Здружението за одгледување на медицински канабис „Макканабис“ денеска пред Влада побара итно враќање на Предлог-законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции. Во спротивно, големи количини сув цвет од канабис што се во залиха кај лиценцираните компании ќе завршат во отпад, алармираат од здружението.

Неговиот претседател Костадин Дуковски, се пожали дека повеќе македонски и странски компании трпат загуби.

„Таа роба не може да чека, таа мора да се екстрахира. Тоа е органско добро, цветот не може да чека. Секојдневно ние губиме се повеќе и повеќе, ако ни стои во магацинот и ни стои во залиха“, истакна тој, барајќи Законот да се смени во рок од седум дена.

Според Дуковски, итно треба да се дозволи можноста за извоз на сувиот цвет на канабис.

Реакцијата на „Макканабис“ доаѓа откако минатата недела Законот се врати на доработка во Министерството за здравство по забелешките упатени од граѓанската иницијатива „Операција Билка“. Оттаму се спротивставија што законот беше ставен да се усвои по скратена попстапка иако во него забележуваат пропусти. Покрај ова, ја повикаа Државната комисијата за спречување на корупција да го истражи начинот на донесување на законот.

Министерот за здравство Венко Филипче, пак, претходно изјави дека законот повторно ќе се пушти во процедура, но откако ќе се  усогласат сите страни.