Македонското знаме – и кај што треба и кај што не смее

„Грбот, знамето и химната на Република Македонија се употребуваат во согласност со одредбите на овој закон и на начин со кој не се нарушува угледот и достоинството на Република Македонија“, е наведено во членот 3 од Законот за употребата на грбот, знамето и химната на Република Македонија. Но, колку македонските граѓани се информирани за начинот на кој се употребува знамето на Република Македонија и колку се почитуваат тие законски правила?

Оваа дилема се отвори по неколкуте фотографии од протестите во центарот на Скопје, на кои можеше да се види државното знаме како искинато е положено на улица, или слика од реквизити со македонското знаме кои завршиле во корпа за отпадоци.

Нашата чудесна Македонија

A post shared by daffy (@dafinadz) on

Овие две ситуации се спротивставени со членот 6 од Законот, во кои стои дека:

„Грбот и знамето на Република Македонија не смеат да се употребуваат ако се дотраени, неуредни, искинати или на друг начин оштетени, или со својот изглед се неподобни за употреба. Оштетените или за употреба неподобните грб и знаме на Република Македонија се повлекуваат од употреба“.

Додека членот 8 вели:

„Грбот и знамето на Република Македонија, како и грбовите и знамињата на други држави и меѓународни организации кои се употребуваат во Република Македонија (…) не смеат намерно да се кинат, палат, газат или на друг начин да се скрнават или изложуваат на презир или исмејување“.

Во членот 18, пак, се наведува:

„Знамето на Република Македонија се подига и спушта, истакнува и симнува, односно пренесува, со вообичаени почести (станување, поздравување и друго). При истакнувањето знамето не смее да допира до ништо што се наоѓа до или под него“. Додека во членот 19, став 2 се додава: „Кога знамето е спуштено ниеден негов дел не смее да го допира подот или било кој друг предмет“.

Членот 24 пак изрично укажува дека знамето не смее да се употребува како драперија, завеса или прекривка, свиткано во форма на венец или наврано, додека не е дозволено и знамето да се употребува како украс на перници, марамчиња, салвети, кутии од хартија, долна облека или предмети кои веднаш по употребата се фрлаат.

Дали од неинформираност или од невнимателност, покрај на јавните собири, македонското знаме често може да се види како се употребува на најразлични предмети по сувенирниците или при продажба на реквизити.

Во Законот е наведено (Член 5) дека „Грбот и знамето на Република Македонија не можат да се употребуваат како стоковни или услужни жигови, модели, ниту како кој и да било друг знак за одбележување на стоки или услуги“.

Во членот 22 се упатува дека кога знамето се истакнува на автомобил „тоа треба да биде цврсто прицврстено на шасијата, на предниот дел, од десната страна гледано од страна на возачот“.

Во Законот се предвидени и парични казни за непочитување на Законот. Доколку знамето се користи во поинаква форма, како знак за одбележување стоки и услуги, доколку се употребува оштетено или доколку со употребата се нарушува угледот на државата, казната е до 5.000 евра за правно лице и до 2.000 евра за одговорното лице во правните лица и јавните служби. За физичките лица казните се до 1.000 евра, или до 2.000 евра за лицето кое организира јавен собир на кое се прави прекршок во употреба на знамето.

Казна до 1.000 евра има и за физичкото лице кое го прекршува членот 24 од Законот.

Законот, освен што ги наведува ситуациите во кои е задолжително истакнувањето на знамето, посочува и
други ситуации во кои државниот симбол може да биде истакнат:

1) на објектот во кој е сместено дипломатското или конзуларното претставништво на Република Македонија во странство; на резиденцијата на шефот на претставништвото и на превозните средства што тој лично ги користи во вршењето на службените должности, во согласност со соодветните меѓународни договори, прописите и обичаите во земјата во која се наоѓа претставништвото, односно правилата и практиката на меѓународната организација при која што се наоѓа претставништвото;

2) во просториите во кои се гласа, училници, обредни сали, простории за состаноци и слично;

3) при меѓународни средби, натпревари и други собири (политички, научни, културноуметнички, спортски и други) на кои Република Македонија учествува или е презентирана, во согласност со правилата и практиката на одржувањето на тие собири;

4) при прослави, свечености и други политички, културни, спортски и слични манифестации кои се од значење за Република Македонија;

5) при празнување во приватниот живот на граѓаните и

6) во други случаи, ако неговата употреба не е во спротивност со одредбите на овој закон.

Целосниот Закон можете да го погледнете ТУКА.