Македонското еколошко друштво нуди бесплатно годишно зачленување до 22 мај

Од 22 април – Денот на планетата Земја, па сè до 22 мај – Светскиот ден на биолошката разновидност, годишното зачленување во Македонското еколошко друштво ќе биде бесплатно.

Со зачленувањето во ова друштво, станувате поддржувачи на најстарата еколошка организација во Македонија. Пристапницата за членство е достапна на следниов ЛИНК.

Овие меѓународни денови се особено значајни за друштвото, кое со децении е посветено на истражување и зачувување на природата, како и нејзино приближување до граѓаните на Македонија.

„По повеќе од 45 години постоење и делување во полето на заштитата на природата и промовирање на екологијата како наука Македонското еколошко друштво го менува логото и ја модернизира својата веб-страница www.mes.org.mk. Со менување на имиџот на организацијата нашата цел е да се доближиме до членството и граѓаните“, информираат од МЕД.

Новото лого е дело на дизајнерот Владимир Трајановски од Охрид. Како од што појаснуваат од МЕД, мовото лого, како и старото, го претставува интегралното функционирање на биосферата и ги соединува почвата, водата, сонцето и вегетацијата но, овој пат со помеки линии, чистина и едноставност.

Македонско еколошко друштво е формирано во 1972 година и делува на целата територија на Република Македонија. Од 1996 година до сега организацијата има спроведено над 50 проекти за заштита на биолошката разновидност, како и за подигнување на јавната свест за правилно користење на природните ресурси и воспоставување нови заштитени подрачја. МЕД исто така има организирано 5 научни конгреси на еколозите со меѓународно учество, голем број конференции, трибини и настани.

Оваа година МЕД станува и полноправен член на „Брдлајф интернешенал“, најстарата и најголемата глобална мрежа на невладини организации за заштита на природата во светот, којашто е формирана во 1922 година и обединува организации од над 120 земји со над 13 милиони членови и поддржувачи.