Македонско издание на книгата „Осум извори на моќта во вас“

По иницијатива на граѓанското здружение „Женска акција“, а со поддршка на Министерството за култура излезе од печат на македонски јазик книгата „Осум извори на моќта во вас“ од индискиот автор Шишир Сривастава(Shishir Srivastava).

Книгата е испечатена во 2000 примероци, а според договорот со авторот, ниту еден примерок нема да биде продаден, туку книгаа ќе се подарува во библиотеките низ земјава, но и на професори, јавни личности и верни читатели кои ќе ја шират пораката за осумте извори на моќта кај индивидуата кои Сривастава ги наоѓа во имагинацијата, позитивните зборови, самодовербата, љубовта.

„Основната кауза на книгата е да ги извлече сите позитивности од човекот кои се скриени во потсвеста, односно, да го натера човекот  да мисли и да делува позитивно. Токму ова е и една од придобивките на оваа книга бидејќи денес, во ова време – невреме во кое битисуваме, во ова секојдневие, нè обземаат сè повеќе негативни мисли и чувства и тие често се причина за одредени негативни дејства и интеракции меѓу луѓето. Писанијата во ова дело имаат за цел да го извадат од човекот она што е длабоко скриено во него и да го натераат на мисли и активности кои ќе бидат водени од позитивниот принцип“, пишува во рецензијата за ова дело професорката Татјана Стојановска Иванова од Институтот за социологија.