Македонските власти се вртат кон сонцето како извор на енергија

Пред речиси една година, Владата соопшти дека ќе финансира компании кои ќе користат струја од сончева енергија. Крајната цел е да се изградат фотоволтаични централи со вкупна моќност од 200 мегавати.

Овој проект се уште е во првичната фаза каде е планирана изградба на фотоволтаични централни на државно земјиште со моќност од 35 мегавати. За ова беа избрани светиниколско Амзабегово и Македонски брод.

Во Амзабегово ќе има парцели на површина од 45 хектари, на кои ќе се изградат една 10 мегаватна фотоволтаична центала, една 5 мегаватна, две 4 мегаватни и шест по 1 мегават, или севкупно со моќност од 25 мегавати. Втората локација што ја одреди државата е регионот на Македонски Брод, каде на површина од речиси 20 хектари, парцелата ќе се подели на две локации од по 5 мегавати.

До Министерството за економија пристигнале 42 понуди за изградба на електрична централа. Нивните имиња, вкупната инсталирана моќност и локациите на кои ќе се гради, се уште не се познати.

„Инвеститорите имаат обврска да ја изградат фотоволтаичната централа во рок од три години од потпишувањето на договорот. По пуштањето во погон, инвеститорите ќе добиваат премија според договорениот износ според произведената  електрична енергија во период од 15 години, при што електричната енергија ќе ја продаваат на пазарот на електрична енергија“, велат од министерството за Радио МОФ.

За возврат, велат од министерството, тие ќе обезбедат приклучување на мрежата на операторот на дистрибутивниот системи, а ќе обезбедат и пристапен пат до локациите и нивно заградување.

„Министерството за економија во име на најповолниот понудувач поднесува барање за приклучок на дистрибутивната мрежа и го уплаќа надоместокот за приклучокот на Операторот на дистрибутивниот систем. По потпишување на договорот за користење, инвеститорот  треба да го плати делот од трошоците за приклучок соодветно на моќноста што ја инсталира. Земјиштето за предвидените локации ќе биде пренаменето во статус градежно земјиште, и за истото ќе биде изработена и одобрена соодветна урбанистичка планска документација, за што инвеститорот нема обврски. Уредувањето на земјиштето од аспект на пристапен пат до локациите и оградување на земјиштето на локациите Амзабегово (Св. Николе) и Манастирец (М. Брод) е на товар на Министерството за економија. Средствата кои треба да ги одвои инвеститорот за изградба на фотоволтаичната централа се различни зависно од моќноста што ја инсталира. Во просек изградбата на фотоволтаиците чини околу 2-3 илјади евра за 1 kW“, стои во одговорот од министерството.

Овие фотоволтаични централи треба да ја задоволат потребата за електрична енергија на околку 30.000 домаќинства.

„Вкупниот инсталиран капацитет за производство на електрична енергија во Република Северна Македонија изнесува 2,06 гигавати од кои уделот на обновливите извори на енергија, вклучително и хидроцентралите изнесува околу 37 %. За споредба, со изградба на фотоволтаичните централи предвидени на државно земјиште (30 MW), вкупниот инсталиран капацитет од обновливи извори на енергија ќе бележи пораст за околу 1,5%, а со тоа и пораст на вкупното нето производство на енергија од обновливи извори на енергија кое сега изнесува 25% од вкупната потрошувачка на енергија во земјата“, известуваат од министерството.

Новата Стратегија за развој на енергетиката налага напуштање на јагленот како енергенс и транзиција кон обновливи извори на енергија. Во две од три можни сценарија се предвидува затворање на сите термоелекрани на јаглен во земјата и транзиција кон обновливи извори на енергија.

Пред неколку дена, Електрани на Северна Македонија – ЕСМ рапиша јавен повик за изградба на 100 мегаватна фотонапонска електрана во кругот на РЕК Осломеј во Кичево, која ќе испорачува електрична енергија за 20.000 домаќинства во текот на втората половина од годинава.

Инвестицијата е замислена како две електрани од по 50 мегавати, а ќе биде по принципот на јавно-приватно партнерство во која АД ЕСМ ќе биде јавниот партнер. Како дел од договорот, новото друштво ќе треба да преземе и најмалку 100 вработени од РЕК Осломеј.

Од невладината „Еко свест“ денеска преку соопштенија потсетија дека напуштањето на јагленот како енергенс значи и исполнување на обврските превземени  од меѓународни сојузи и договори, но уште позначајно  – значи заштита на здравјето на граѓаните, особено во регионите со јаглен.

„Термоелектраните на јаглен сериозно го нарушуваат здравјето на граѓаните од регионите каде се присутни, меѓутоа и во целата земја па и преку границите на нашата земја. Се надеваме дека одлуката за напуштање на јагленот како енергенс ќе се зацврсти дополнително и со забрана за загревање на домаќинствата со јаглен“, вели Ана Чоловиќ Лешоска, извршна директорка на „Еко-свест“.

Емилија Петреска