Македонските ученици освоија еден сребрен и четири бронзени медали на информатичка олимпијада

Македонските ученици освоија еден сребрен и четири бронзени медали на 26. Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2018) и 12. Јуниорска балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2018). Олимпијадите се одржаа од 7 до 13 јули во Темишвар, Романија.

Сребрениот медал за Македонија на Балканската олимпијада 2018 го освои Мартин Динев од село Пирава, додека два бронзени медала освоија Владимир Максимовски од Штип и Андреј Величковски од Куманово. Четврти член на македонскиот тим беше Јосиф Тепеѓозов од Скопје.

Бронзени медали на ЈБОИ 2018 освоија Благојче Павлески од Прилеп и Тео Китановски од Скопје, а членови на тимот беа уште и Кристина Тасева и Марко Таневски. Македонскиот тим на БОИ 2018 беше раководен од Емил Станков и Марко Палоски, додека тимот на ЈБОИ 2018 го раководеа Владислав Бидиков и Дарко Мартиновиќ, од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство.

Учениците од двата тима беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, што редовно го организира Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ).