„Нудам часови по математика за 350 денари“, „Часови по биологија и хемија за основно и средно – едукативен центар“,„Часови по природни науки за основно образование – 200 денари“. Ова се само дел од огласите кои секојдневно можат да се најдат на интернет огласниците. Наместо на училиште, голем дел од учениците лекциите ги учат на приватни часови. Оние чии родители имаат време, и знаење, учат дома. Се почесто, родители по социјалните мрежи бараат помош за решавање задачи, за да им помогнат на своите основци во совладување на материјалот.
„Значителен дел од учениците не успеваат да ги усвојат наставните содржини од природните науки за време на редовните часови“, нотира истражувањето „Од бројки кон пракса – идентификување и анализа на показателите поврзани со квалитетот на наставниот процес во основното образование во Македонија“ на Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“.
Како што појаснува Ана Мицковска-Ралева, од Центарот за истражување и креирање политики (ЦРПМ) и координатор на истражувањето за образовните индикатори во „Фајнанс тинк“, анализата на резултатите од меѓународните ПИСА тестови покажува дека во успешните образовни системи учениците го совладуваат материјалот за време на престојот во училиштето и многу помалку време посветуваат на учење дома.
„ Кај нас не се успева да се совлада материјалот за време на час. Не е проблем само програмата, туку проблем се пристапот и методите на настава. Учениците честопати знаат да седат на часот без ништо да слушаат, едноставно да бидат отсутни на часот и тоа време додека се на час во суштина е изгубено. Можат и цел ден да го поминат на училиште и да се вратат дома без ништо да имаат научено. Затоа потоа дома мора да повторуваат и да бараат помош“, вели Мицковска-Ралева.
Резултатите на ПИСА тестовите во Македонија се очајни. Во 2015 година тестирањето за јазична писменост, математика и природни науки покажа дека полоши од македонските ученици се само оние од Косово, Алжир и Доминиканската Република.
Приватни училишта и учење лекции со родители
Виктор М. е седмооделенец од Скопје. За разлика од своите врсници, тој нема проблем со математика. Вели, имаме одличен професор кој се труди околу учениците. Но, тоа не е случај со биологија. Овој предмет го учи дома со своите родители. Дополнителни часови по биологија на училиште вели дека немаат.
„Наставничката е многу строга, ама не знае баш да објаснува“, забележува Виктор.
Неговите врсници неретко посетуват приватни часови по предметите кои не успеваат да ги совладаат на час. Во едукативниот центар „Смарт“ на пример, се даваат часови по природни науки за основци. Сопственичката на центарот, Билјана Начевска и самата е универзитетска професорка по математика.
„ Ние пополнуваме празнини од основното образование“, вели професорката Начевска. „Верувајте и ова им е многу заморно (на учениците). Без разлика што нам финансиски ни одговара, е заморно и да не речам непотребно во случај кога би биле организирани обичните часови многу подобро“, забележува Начевска.
За дел од часовите смета дека се џабе потрошено време, затоа што учениците чекаат да им поминат шестте часа, и да дојдат на дополнителен час во центарот за да научат. Неретко, додава, од училиште децата доаѓаат со погрешно решени задачи.
„Наставниците се во хаос со толку многу деца, со толку многу други технички работи што треба да ги сработат“, вели Начевска. Децидна е дека нема човек кој не може да научи математика, но прво треба да се разбуди интересот кај учениците за одреден предмет. А за тоа да се случи, учениците треба да разберат дека она што го учат може да се примени во нивното секојдневието.
ПИСА тестовите го вреднуваат токму тоа, колку образовниот систем ги подготвува учениците за реалниот живот. Овој дел, се чини е тежок за совладување, се согласува Илина Поп Христова, мајка на четвртоодделенка од Скопје. Иако е на самиот почеток на образованието, Илина секојдневно учи заедно со своето дете, и по по неколку часа на ден.
„Работите кои ги учат не знаат да ги применат. Така на пример, ќерка ми знае да пишува дропки, наставничката е задоволна, ама кога ќе и речам да го пресече јаболкото на осминки, не знае како да го стори тоа. Според мене подобро е ако треба и цела недела да учат една работа и да научат да ја користат, наместо постојано да учат нови работи, а да не знаат за што служат“, критична е Поп Христова.
Образование за сите, квалитетно за оние со пари
Според Уставот на Република Македонија „Секој има право на образование. Образованието е достапно на секого под еднакви услови. Основното образование е задолжително и бесплатно“.
Сепак, добар дел од учениците имаат потреба од дополнителна помош, а приватните тутори и часови чинат пари. Со ова, вели Мицковска Ралева, доаѓаат до израз социјалните разлики меѓу учениците.
„Математика, природни науки се предмети кои се покомплицирани да ги совладаат учениците. Тие велат дека прво се обраќаат до наставниците, доколку наставникот не може да им помогне, можеби нема иницијатива или тоа е нивото на кое може да им го доближи материјалот, бараат помош од родителите , пријатели, роднини. На крајот, доколку не можат да совладаат бараат помош од тутори. Тоа не може секој да го плати и тука доаѓаат тие социјални разлики до израз, ученици од подобростоечки семејства можат да си приуштат дополнителна настава, другите пак ќе заостанат“, вели Мицковска Ралева.
Во 2016 година Министерството за образование помпезно ја најави програма за туторство. Идејата беше учениците од повисоките одделенија и средношколците да почнат да добиваат бесплатни дополнителни часови по одредени предмети од страна на студенти-тутори. МОН направи „Интерактивен портал за тутори“ каде студенти со просек од најмалку 8 се пријавуваат за да им даваат бесплатни дополнителни часови на учениците. Родителите на учениците пак избираат кој студент ќе биде тутор на нивното дете, односно по кој предмет е потребна дополнителна настава. Една година подоцна резултатите од проектот се занемарливи. Аплицирале само четворица студенти, од кои двајца станале тутори.
„ Од овие четворица студенти само двајца студенти успеаа да се поврзат со ученици (односно нивни родители), односно само двајца студенти подучуваа ученици во текот на учебната 2016/2017. Само двајца, а не четворица затоа што откако МОН ќе одобри некој како потенцијален тутор, менторот треба да биде одобрен од родителот, а исто така и студентот може да се откаже од подучување од непредвидени околности како пат, време и други непредвидени околности“, посочуваат од Министерството за образование и наука.
Двајцата тутори подучувале вкупно пет ученици. Една студентка била тутор на тројца ученици по математика, од кои еден основец. Од нив двајца ученици ги подобриле оценките во однос на претходната учебна година. Втората студентка пак подучувала двајца средношколци по предметот биологија. Едниот од нив успеал да ја подобри оценката по биологија од претходната учебна година.
Дополнителните часови заглавени во густиот распоред, просторните услови и слабиот интерес
За учениците што не можат да го совладаат материјалот за време на часовите, со Законот за основното образование се предвидува организирање дополнителна настава. Истражувањето на „Фајнанс тинк“ покажува дека реализацијата варира во зависност од училиштето.
„Учениците кажуваат дека дополнителна настава не се одржува редовно. Делумно се виновни наставниците, делумно и учениците ја избегнуваат. Причините се веројатно во тоа што чувствуваат дека истиот наставник со користење на истите методи на настава нема нешто повеќе да ги научи од она на самиот час. Не го гледаат ова како нешто што ќе им помогне“, забележува Ана Мицковска-Ралева, од ЦРПМ.
Наставниците, пак, велат дека се трудат да им излезат во пресрет на своите ученици, но пречките се различни. Во одделението на наставничката Шпреса Тоска на пример има дури 37 ученици.
„Се обидуваме да најдеме термини за да работиме со нив индивидуално, бидејќи развојот на децата е индивидуален и не сите исто можат да постигнат резултати,“, вели Тоска. Според неа во вакви услови е неопходно родителите и дома да работат со своите деца. Но, забележува дека иако имало иницијативи од нејзина страна да ги поучи и самите родители, не секогаш наидувала на разбирање од нивна страна.
Наставничката Александра Паловска од Куманово, пак, води одделение од дваесетина ученици, за кои вели дека редовно постигнуваат завидни резултати на училишните натпревари. За вакви резултати смета дека е неопходно наставникот да ја сака својата работа, но и да знае да одржи интересен час. Сепак, кога станува збор за организирање додатна настава во нејзиното училиште, тоа не е лесно изводливо.
„ Програмата е таа, пренапорна, часовите се премногу. Еве конкретно во петто одделени имате еден еден ден по шест часа, другите денови по седум часа, по распоред. Седум часа, во 12,40 завршува последниот час, за 20 минути почнува втора смена. Концентрацијата на учениците бега. Учениците работат во обични, правоаголни училници, без кабинетска настава. Дел од часот се губи дури и во барање столчиња“, вели Паловска.
За 20 000 денари, толку!
И додека наставниците се жалат на обемните наставни програми, Викторија Димитровска од Фондацијата „Чекор по чекор“, којa работи на проект за истражување на јазичната и математичка писменост кај основците, открива бројни аномалии во образовниот систем.
„Ние сме биле во училиште во кое девојче на крај на трето одделение ја познаваше само буквата А. Учеше во училница со 15 ученици. Значи не се тоа 40 , да не може наставникот да детектира. Искрено понекогаш ви се плаче кога ќе видите дека некои деца не ја добиваат поддршката во училиште, а најверојатно во домот нема кој да им помогне“, разочарана е Димитровска.
Најтешко, вели, е да се измери времето за настава, односно колкав дел од наставниците во наставата вистински го посветуваат на учење.
„Ние се обидовме преку прашалници, преку различни фокус групи да ги прашаме наставниците да проценат. Се разбира, кога ги собравме проценките излеза дека имаат над 200 отсто време, затоа што, за жал, најголем дел од часот се користи за администрација, за дисциплина, за социјални интеракции. Многу малку од времето се користи на самата настава, на самото поучување“, вели Димитровска.
Таа додава дека нашата наставна учебна година трае кратко и е на дното на она што го препорачуваат УНЕСКО. Затоа и не го разбира изговорот “за 20 000 денари толку“, кој го добивале од некои наставници.
„ Но, колку е ефективното работното време на наставникот? Ние одиме во подрачни училишта во кои во 10 часот завршува наставата. Дали е тоа во ред?“ прашува Димитровска.
Во препораките на „Фајнанс тинк“ се посочува дека образовниот систем треба да овозможи ефективно и ефикасно користење на времето поминато на училиште. Образовната политика треба да обезбеди услови и поддршка на сите ученици за достигнување на основното ниво на знаење, без разлика на нивното потекло и социо-економски статус. Учениците пак треба да имаат можност времето што го поминуваат на училиште да им биде исполнето со активности што ќе им помогнат во совладување на материјалот за да не бидат премногу оптоварени со совладување на материјалот надвор од училиштето. Истовремено, училиштата треба повеќе да се ангажираат за организирање и за одржување дополнителна и додатна настава, како и за развивање форми на туторство меѓу учениците.
Јасмина Јакимова