Македонските студенти задоволни од онлајн наставата, но преферираат класична – покажува студентска анкета

Најголемиот дел од студентите со „четворка“ ја оцениле онлајн наставата. Скоро две третини од нив сметаат дека класичната настава е поефективна од онлајн наставата, а безмалку 40% од студентите одговориле дека преферираат онлајн настава.

Ова се резултатите на анкетата која ја направија група студенти на ФИНКИ, во која учествувале 170 испитаници од повеќе македонски универзитети.

Повеќе од половина од испитаниците одговориле дека се делумно, односно целосно задоволни од онлајн наставата.

„Во врска со степенот на задоволство на студентите за онлајн наставата, тој беше оценет со оценка 4 и 5 (делумно задоволни и целосно задоволни) со повеќе од 50%, со што можеме да заклучиме дека повеќето студенти се со позитивен став околу онлајн наставата“, вели студентката Андреа Трифунова, една од авторките на истражувањето.

Покрај неа, во групата студенти кои го изработеле истражувањето за степенот на задоволството на студентите од онлајн предавањата се и Михаил Брзанов, Матеа Кантурска, Кристијан Николиќ и Ебру Зеќир.

„Идејата за оваа анкета произлезе од самата ситуација во која се наоѓаме моментално. Покрај сите предизвици со кои се соочуваме денес,  како најголем предизвик за нас студентите е наставата која се одвива онлајн. Токму поради ова спроведовме анкета со која сакавме да ги дознаеме ставовите на студентите во врска со онлајн наставата, нејзините предности и недостатоци и дали ваквиот начин на настава треба да продолжи и во пост-пандемски услови“, велат тие.

Анкетата имала 13 прашања кои биде поделени на неколку групи, а целната група биле студентите на универзитетите на територијата на Северна Македонија.

„Поради вонредната состојба, онлајн наставата се одржува во сите високо образовни институции, во средните и основните училишта. Со оваа ненадејна промена многумина, вклучувајќи го и нашиот тим се прашуваат какво влијание има ваквиот начин на учење врз студентите и затоа спроведовме анкета помеѓу студентите“, истакнуваат студентите.

Оттаму велат дека онлајн наставата на ФИНКИ нема некои посериозни проблеми и дека факултетот одлично се снашол.

„Наставата се одвива на одличен начин и нема потреба од никакви промени“, нагласуваат тие.