Македонските основци ќе учат по наставни програми од Кембриџ

Учениците од прво до трето одделение од идната учебна година ќе учат математика и запознавање на околината по наставните програми од Кембриџ.

Македонските основци ќе учат по наставни програми од Кембриџ

Ова го предвидува договорот за соработка што денеска во Владата го потпишаа директорот на Бирото за развој на образованието Весна Хорватовиќ и генералниот директор на Меѓународниот центар за наставни програми – Кембриџ Мајкл О’Саливан.

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски посочи дека станува збор за имплементација на Кембриџ образовниот систем во Република Македонија, кој ќе се реализира во временска рамка од пет години, за што секоја година ќе се потпишува нов договор за следното ниво на имплементација. Освен испорака, адаптација на наставни програми и мониторинг на имплементацијата, договорите предвидуваат и обука на наставниците.

„Бирото за развој на образованието заедно со тимот на Кембриџ во оваа 2013/2014 учебна година ќе почне да работи на адаптација на наставните програми од прво до трето одделение, за предметите математика и запознавање на околината. Врз основа на овие наставни програми, ќе бидат набавени учебници од кои сите ученици од прво до трето одделение ќе можат да ги изучуваат овие предмети од спетември 2014 година, на македонски, албански, турски и српски јазик“, појасни Ристовски.

Воведувањето на наставните програми и учебници по математика и природните науки од четврто до шесто одделение, според него, е предвидено за учебната 2015/2016 година, а целосно заокружување на реформата е предвидено, година потоа, кога ќе бидат воведени наставни програми и учебници за ученици од седмо до деветто одделение. Последната година е предвидена за мониторинг и верификација.

Директор на Меѓународниот центар за наставни програми – Кембриџ, О’Саливан посочи дека целта во Македонија е да работат на подобрување на резултатите по математика и природните науки, почнувајќи од прво до трето одделение.

„Тоа ќе биде партнерство од кое се надеваме дека ќе научиме и ние од македонските образовни работници за предизвиците со кои се соочуваат и да работиме заедно на креирање нови решенија. Нашата мисија е да обезбедиме меѓународно образование од светска класа, преку високо квалитетни наставни програми, оценување и услуги. Ние сме светски најголемиот давател на услуги со програми и квалификации за меѓународно образование за ученици меѓу пет и 19 години“, рече О’Саливан и додаде дека Центарот во моментов работи во над 160 земји.

Директорката на Бирото за развој на образованието во Македонија изрази надеж дека соработката ги даде очекуваните резултати, односно ќе се подобри наставата по предметите математика и природни науки. Хорватовиќ информира дека најпрво ќе се обучуваат советниците во Бирото за образование, а потоа и 4.500 наставници кои ќе ги изведуваат овие наставни предмети.