Македонските општини немаат капацитети за ефикасна инспекциска служба, покажува ново истражување

Општините во Северна Македонија немаат доволно капацитети за да организираат ефикасна инспекциска служба на локално ниво. Законската регулатива неретко е противречна, а инспекторите често се наоѓаат во „маѓепсаниот круг“ на политичките и бизнис влијанија, од една и законите, граѓаните и јавниот интерес, од друга страна.

Ова се резултатите од истражувањето на НВО Инфоцентар „Граѓански мониторинг врз инспекциските служби на локално ниво“, кое е спроведено во периодот ноември 2019 – март 2020 година на сите македонски општини, како и Градот Скопје.

Од НВО Инфоцентар велат дека на нивните барања за пристап до информации од јавен карактер одговориле 84% од општините.

Од истражувањето се заклучува дека општините по пријавите и претставките на граѓаните најчесто постапуваат во периодот од една недела до еден месец. Најголеми причини за бавноста во постапувањето се недоволниот број инспектори, како и сложените и долги законски и административни процедури при инспекцискиот надзор.

„Според општинските инспектори, еден од најголемите проблеми со кој се соочуваат се малите плати и надоместоци, кои не соодветствуваат на одговорноста и тежината на нивната професија. Тие, исто така, немаат соодветна опрема за инспекциски надзор, теренски возила, апарати за мерење бучава, заштитна облека и др. Дополнително, кога одат на терен во инспекциски надзор често се изложени на различни ризици (закани, па дури и напади од оние кои се предмет на инспекција) и не се чувстуваат безбедно и заштитено. Немаат осигурување, а некои инспектори се жалат дека надлежните институции или не реагираат, или се бавни. Едновремено, за инспекторите проблем во работата претставува и недоволната соработка со државните институции на национално ниво“, се наведува во истражувањето.

 

Авторите на истражувањето потенцираат дека е потребно да се изгради нов, подобар, модел за локалните инспекциски служби кој ќе им овозможи тие да бидат целосно независни, функционални и ефикасни во заштитата на интересите на граѓаните и на заедницата во целина.

Целосното истражување е достапно на следниов ЛИНК.