Популарното светско списание Archaeology Magazine во својот најнов број објави прилог посветен на древните модели на куќи ширум светот, при што значајно место им е дадено на неолитските антропоморфни модели откриени во Македонија.
Во подготовката на текстот учествувал археологот Гоце Наумов од Центарот за истражување на предисторијата, кој ги истакнал клучните општествени трансформации во неолитот и нивниот одраз во материјалната култура. Според него, антропоморфните модели на куќи имаат силен обреден карактер и претставуваат симболичен приказ на домот како духовен и општествен центар.
Во написот се нагласува дека овие модели првично се појавуваат во Пелагонија, а подоцна се шират и во други региони на Македонија. Дополнително, тие се толкуваат како комеморативни ламби, користени во чест на основачите на куќите и на нивните духовни заштитници.
Прилогот предизвика значителен интерес кај светската публика, што укажува на растечката љубопитност за значењето и функцијата на овие уникатни предмети. Вклучувањето на македонските артефакти во едно од најчитаните археолошки списанија во светот претставува важен чекор кон нивна поголема меѓународна афирмација, велат Од Центарот за истражување на праисторијата.
Експертите посочуваат дека ваквите публикации се од суштинско значење за понатамошна заштита и промоција на македонското археолошко наследство, кое има потенцијал да стане уште поприсутно на глобалната научна и културна сцена.



