При известувањето за конфликтот помеѓу Русија и Украина, македонските медиуми во 28.8% од вестите цитирале меѓународни извори како информации, споредено со 9% руски извори, односно 3% од вестите биле засновани на украински извори. Ова го покажа анализата на „Пикаса аналитикс“, кои меѓудругото направија мониторинг на 400 македонски дигитални медиуми, односно на 41.113 вести во периодот од 1 до 28 февруари.
Истовремено, тие посочуваат дека при известувањето, македонските медиуми во 40.7% цитирале одреден извор за своите информации, додека во 59.3% од вестите, или во 24.380 вести, не се споменува изворот на информацијата. Дополнително, посочуваат дека мал дел од овие вести се локални настани поврзани со конфликтот, како на пример одлуката за забрана на руските авиони да прелетуваат низ нашата територија.
„Најцитирани меѓународни медиуми и агенции се Ројтерс, BBC и CNN, додека најцитирани руски извори се ТАСС, РИА и Спутник. Во забележителен број на вести не е прецизиран изворот од кој се добиени информациите, туку се наведени како ‘според украинските медиуми’, ‘според руските медиуми’ или ‘според светските медиуми’. Вкупно тоа се илјадници вести, особено во последната недела од февруари“, се вели во анализата на „Пикаса аналитикс“.
Анализата покажува дека од земјите во регионот, српските медиуми најмногу цитирале меѓународни извори во пренесувањето на вестите, а истовремено и најмногу руски извори. Ннајмногу украински извори пак, цитирале медиумите во Босна и Херцеговина.
Анализата е направена на 2.000 медиуми во Западен Балкан, а вкупно се анализирани 135.322 вести.