Македонските граѓани – незаштитени, дискриминирани и со несоодветни работни услови

Колку македонските работници и граѓани имаат пристап до работни места, социјална и здравствена заштита, квалитетно образование и деморатски институции, се дискутираше на вчерашната јавна дебата на тема „Живот со достоинство“.

На настанот, чија цел беше да се овозможи простор за јавна дебата на која ќе се говори за добиените сознанија од истражувањето „Мултидимензионален аспект на човековата сигурност“, спроведено во рамките на проектот, како и за и мерките кои треба да се преземат за решавање на најгорливите проблеми кои оневозможуваат човекова сигурност во Република Македонија.

Мери Бошковска, професорка на Економскиот факултет во Прилеп, ги презентираше сознанијата од нејзиното истражување за мултидимензионални аспекти на концептот човекова безбедност. Целта на оваа истражувачка студија и концептот човекова безбедност е да се даде придонес во разбирање на значењето на овој концепт и негово успешно спроведување во нашата земја. Истражувањето става акцент на реалната состојба на законската легислатива и институциите кои работат во полето на пензискиот систем, здравственото и социјалното осигурување и безбедноста на човекот на работното место.

Во однос на безбедноста на човекот на работното место, Бошковска вели дека во Македонија има соодветни закони кои ги обезбедуваат сите услови за работа и работникот треба да е заштитен на работното место. Сепак, смета таа, истражувања покажуваат дека во нашата земја не се креирани соодветни услови за обезбедување целосна сигурност на работното место.

„Најдобро истражување за тоа е истражувањето на Eurofound, според кое Македонија е земја во која постои највисоко ниво на изложеност на физички ризик. Истражувањето е спроведено во 44 земји, а вели дека Македонија и треба уште многу работа за да креира услови за работникот да биде целосно заштитен на своето работно место“.

Во однос на социјалниот систем и законите од оваа област, Бошковска вели дека биле направени одредени реформи, но сепак не успеале да го решат најголемиот проблем кај нас – проблемот со сиромаштијата. Во Македонија, според Државниот завод за статистикаод 2014 година, околу 22,1 процент од населението, односно околу 457 илјади лица, живееле во сиромаштија. Воедно, таа година Македонија била и земја со највисок степен на сиромаштија во Европа.

Кога станува збор пак за здравствениот систем, според рангирањето направено од Health Consulate Power House, односно извештај за европски здравствен потрошувачки индекс, Македонија е средно рангирана, односно на 18-тото место од вкупно 35 земји. Меѓутоа, Бошковска вели дека кога станува збор за смртноста на новороденчиња или трансплантација на бубрези и слично, Македонија е рангирана на најниско ниво.

Додава и дека кај нас се издвојува најниско ниво на пари од буџетот за покривање на здравствените трошоци – само 6,5 проценти од бруто домашниот производ, споредено со на пример Франција, каде се одвојуваат 11,5 проценти.

Јасмина Делчева Диздаревиќ, професорка на Филозофски факултет, дискутираше за влијанието на сигурноста на работата. Таа вели дека за состојбата на македонскиот граѓанин и работник, не може да се гледа надвор од поврзаноста со актуелната политичка состојба. Иако законите за работен однос кај нас се со европски предзнак и знаменце, вели таа, сигурноста на работните места зависи од демократскиот капацитет на нашето општество.

„Сведоци сме и знаеме на кој начин се вработува. Без партиска книшка тоа не е можно, а кога се вработува на тој начин, работникот прифаќа сѐ, само да заработи парче леб. Кога е економски зависен, затоа што демократијата не може да се гледа од аспект кога се работи за општество на работ на сиромаштија. Кога работодавецот на тој начин вработува, што може да очекуваме од тој работник? Тој нема достоинство и не ги ни знае своите права при вработувањето. Не се ни осмелува да ги бара пред правните институции“, вели Делчева Диздаревиќ.

Таа додава дека според Законот за работни односи, иако се забранува дискриминација на работното место, работникот е ретко во можност да побара отштета за дискриминација или мобинг, поради закани и ултиматуми.

„Мобингот кај нас е широко распространет, а тоа го покажало истражување направено на 510 испитаници од околу 30 градови, од кои 37 проценти рекле дека имаат нарушена социјална и емотивна рамнотежа, промени во однесувањето пријавиле 34 проценти од испитаниците, а телесни нарушувања и болкипријавиле 29 проценти.

Согласен со неа е и аналитичар Алберт Муслиу, кој сугерира дека кај нас е преголем бројот на вработени во јавна администрација, а политиките за вработување во државниот сектор на некој начин ни ја креираат демократијата.

„Институциите во своја функција и за свој интерес ги злоупотребуваат своите должности, а ние од тоа патиме. Сите тие димензии се позврзани. Дури и Законот за заштита при работа, според мене од неориентиран да ги подобри условите на работниците. Тој веќе неколку пати се менува во смисла на казнената политика. Дури и работник кој има ниска плата и чиј живот е навистина небезбеден, не може да пријави нерегуларности бидејќи во ризик е да остане без работа“, вели Муслиу.

Вели дека кога работникот ќе пријави повреда на своите права во институциите, тоа нема да му го подобри опкружувањето, туку само ќе биде казнета фирмата во која работи и може да остане без работа.

„Кај нас сѐ е ориентирано според потребите на институциите, а не на граѓанинот. Казнената политика не е начин на кој институциите треба да ја подобруваат средината на работниците. Според мене дури и уште повеќе го загрозуваат – работниците се плашат да пријават, бидејќи казните се толку големи што тие поголем број на фирми така би биле затворени. Така нема да им се обезбеди посигурна работа, туку ќе останат и без онаа што ја имаат, а државата од тоа пак ќе си обезбеди некој приход во облик на казна“, заклучува.

Дебатата „Живот со достоинство“ беше организирана од Младински иницијативи за дијалог и соработка и CLAIM! Граѓанска Мрежа за мир, обнова и човекова сигурност, а се одржа на 6 октомври во Канцеларијата за млади на Општина Центар.

С.Т.