Македонските граѓани нема да плаќаат доколку се лекуваат од Ковид-19 при престој во Србија и Албанија

Граѓаните на Северна Македонија, Албанија и Србија ќе можат да патуваат во овие држави без ПЦР тестови, додека ако се лекуваат од Ковид-19 при престој во некоја од земјите нема да плаќаат за болничкото лекување.

Ова се дел од одредбите во договорот кој денеска беше потпишан меѓу владите од трите држави, по состанокот преку видео врска на македонскиот премиер Зоран Заев, албанскиот Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ.

Од Владата соопштија дека на состанокот биле разгледувани сите аспекти на соработка во услови на КОВИД-19 кризата кои произлегуваат од иницијативата за напредна соработка во рамките на Берлинскиот процес и денешниот потпишан меморандум.

„Доколку некој граѓанин на Северна Македонија се разболи и треба да се лекува во Албанија или Србија, тогаш нашите соседни држави ќе го покријат лекувањето и нашиот граѓанин нема да треба да плаќа од свој џеб. Истото ќе важи и за граѓаните на Албанија и Србија доколку се затечат на наша територија и им е потребна помош. Ова се моменти на солидарност, на трезвено размислување и на поткрепа која си ја даваме меѓусебно”, изјави Заев.

Премиерот Заев истакна дека веќе се работи на координација околу обезбедување на вакцина за КОВИД-19 за граѓаните на трите земји.

„Меѓусебно ќе се поддржуваме и ќе си помагаме во моменти доколку се случи преоптоварување на здравствените системи во нашите земји. Отвораме зелени коридори за патување на нашите граѓани и економските оператори со кои се ублажуваат последиците од КОВИД-19. Граѓаните и пред се носителите на економијата ќе се движат помеѓу трите земји без потреба од ПЦР тест, односно ќе се ослободат од административен и финансиски товар граѓаните на нашите држави, притоа почитувајќи ги сите мерки на заштита кои се речиси идентични“, рече Заев.

Со меморандумот се предвидува и патување меѓу Македонија, Албанија и Србија без ПЦР тестови, а Србија и Албанија денеска потпишаа и договор со кој граѓаните меѓу двете земји ќе можат да патуваат само со лична карта, нешто што Северна Македонија веќе го има како договор со овие две соседни држави.