Македонските екологисти ги слават победите за заштита на реките, но најавија дека борбата продолжува

Секоја година на 14 март, илјадници луѓе од целиот свет го креваат својот глас за зачувување реките во светот – Светски ден против брани.

Тоа е ден кога се споделуваат информациите за заканите со кои се соочуваат реките и се промовира алтернатива на производство на електрична енергија наместо уништување на реките. Пред сè, тоа е еден ден да за да се обединат љубителите на реките и делувајќи заедно да се покаже дека овие прашања не се само од локален, туку и глобален карактер.

Во 2010 година, Република Македонија иницираше изградба над 20 хидроелектрани на територија на Националниот парк Маврово – вклучувајќи ги и проектите Луково Поле и Бошков Мост. Речиси сите локации на предвидените хидроенергетски проекти се во непристапни предели со огромна природна вредност. Изградбата на истите би значело уништување на околу 75 километри воден тек.

„Ние во Дебар и пошироко имаме причина да го славиме овој ден, по нашата неколку годишна акција за спас на реката Радика имаме да славиме една победа за спас на Мала Река. Сепак, останува предизвик целосно да се зачува теркот на Радика и нејзините притоки од планираните хидроенергетски проекти“, изјави Шуип Марку од Здружението центар за одржлив развој на заедницата.

Плановите да се искористат речиси сите реки во Националниот парк Маврово за производство на електрична енергија, беа предмет на истрага на Постојаниот комитет на Бернската конвенција. Во декември 2015 година, Постојаниот комитет усвои Препорака со која побара суспендирање на хидроенергетските проекти во Маврово и оценување на кумулативниот ефект врз Националниот парк како и врз речните сливови.

Една година подоцна, двете финансиски институции, Светска Банка и Европската Банка за Обнова и Развој, ги откажаа плановите за финансиска поддршка на проектот „Луково Поле” и „Бошков Мост”.

„За разлика од меѓународните финансиски институции, приватните инвеститори одлучија да не ја почитуваат одлуката на Постојниот комитет и да продолжат со активностите за спроведување на проектите. Две хидроелектрани се во тек на изградба: Какачка Река и Река Беличица. Во изградба е и пристапен пат за планираната хидроелектрана Галичка 2.“, изјавија од Фронт 21/42.

Дополнително, планирани локации за хидроенергетски проекти од приватни инвеститори во Маврово има на Росочки Поток, Требишки Поток, Јамска Река, Петилепска река, Леунска Река, Кракорничка река и Осојски Поток. За четири хидроелектрани во моментов се издадени концесии: Жировничка Река 5 и 6, Рибничка Река и Јадовска Река и за истите се очекува да отпочне изградба секој момент.

„Решенијата за кои се издадени концесии се предмет на жалба од мај 2016 година“ – изјави Бујароска. Според неа, неопходно е итно ревидирање на плановите за хидроенергетскиот развој на национално ниво и нивно усогласување со документите изработени во прилог на дефинирање на разновидноста, конзервациското значење и валоризација на природните вредности во Македонија.