Македонските алтернативни награди сепак ќе се одржат, организаторите апелираат за помош

На 23 мај годинава ќе се одржи третото издание на Македонските Алтернативни Награди. Или барем, треба да се одржи, бидејќи организаторите на социјалните мрежи објавија дека за наградите да се остварат, потребна им е финансиска и логистичка помош.

Бла Бла Телевизија и музичарите, спонзорите и фановите, кои се потрудија наградите да се доделуваат изминатите две години, објавија дека иако настанот има голема посетеност, не заработуваат доволно ни за да ги покријат трошоците, а чистењето на Парк после концертите трае три дена. Помош, велат, не добиваат од никој, па годинава решија да апелираат до сите кои сакаат овие награди и алтернативната сцена да опстојат.

 „Соочени со навидум безизлезна ситуација, прво на што помисливме беше дека немаме сили за понатаму. Сепак, како што се доближуваше периодот за МАН, не можевме да се помириме со неуспех, како личен, така и на сцената. Така да, сепак одлучивме третите МАН да се одржат на 23 мај, на традиционалната локација Школка во Градскиот парк“,  велат организаторите. Додаваат дека нема да се откажат од иницијативата, бидејќи во нив се родил „позитивен спортски инает“.

Секојдневно работат на програмата и селекцијата, а велат дека доста луѓе се интересираат за прогресот и им е мило што продолжуваат со работа.

Претходните две изданија на наградите, ги финансирале од „ситни донации од спонзори и фанови“. Но, бидејќи овојпат ситуацијата е навистина лоша, апелираат до сите кои можат да помогнат, да го направат тоа – финансиски, логистички, па дури и со работна сила.

На прашањето дали можеби размислуваат настанот да биде на друга локација и со влезница, велат дека така би се изгубил духот на промовија на алтернативната култура, но и дека фестивалот мора да еволуира.

„Едноставно тоа е судбината на манифестациите кои траат долго време. Несомнено нашата амбиција е да траеме и мирни сме во тој поглед, затоа што зависиме од македонската алтернативна сцена, која секогаш била ултра продуктивна“, сметаат тие.

И покрај сите финансиски предизвици, Бла Бла Телевизија и МАН велат дека и понатаму ќе постојат, па дури и ќе растат.

 Од 1 април Бла Бла ТВ ќе понуди освежена и поактивна програма сконцентрирана покрај локалната, и на меѓународната сцена. Нашата нова локација е јавниот простор Бла Бла Клуб, на Градската плажа во Парк, каде што покрај телевизијата ќе постојат музички клуб, пиратски бар, игротека, кошаркарско игралиште… Едноставно си ја гледаме нашата работа и се трудиме да бидеме фер кон другите“, откриваат од Бла Бла ТВ.

Како медиум кој своето внимание го посветува на алтернативната музика и култура, велат дека „андерграунд“ сцената постои, но и недостига поттик од медиумите.

„Бендовите се секогаш одлични и на ниво на својата работа. Во овој случај медиумите и промотерите се слабата страна. Сметаме дека македонската алтернативна сцена заслужува поголемо внимание и подобри услови затоа што е една од ретките заедници во земјава која функционира успешно и има нешто добро да понуди. Затоа безрезервно ја поддржуваме и сме нејзини активни учесници“, заклучуваат тие.

С.Т.