Македонскиот уметник Зоран Попоски на фестивал за дигитална уметност во Франција

Македонскиот уметник Зоран Попоски учествува на видео изложбата „Надвор од рутината“ во рамки на меѓународниот фестивал за дигитални уметности Видеоформ 2021 во Клермонт-Феранд, Франција, во периодот од 18 март до 4 април 2021 година.

Ова е 36-то издание на  Видеоформ и вклучува изложби, проекции, предавања, дебати и перформанси. Уште од неговото основање во 1984 година, фестивалот се етаблираше како проследувач на најновите трендови во полето на видео артот и дигиталните уметности во Франција и светот.

Зоран Попоски магистрирал уметност во нови медиуми во Австрија и САД, а докторирал студии на културата во Скопје. Има реализирано над 100 меѓународни изложби и е добитник на повеќе меѓународни награди за уметност.