Македонскиот ученик Сергеј Сарчевски на филмски фестивал во Унгарија

Краткиот филм „A Stolen Smile“ на 15-годишниот Сергеј Сарчевски, ученик во прва година во гимназијата „Орце Николов“, е номиниран во официјалната селекција на Меѓународниот филмски фестивал „Kid’s Eye“ кој од 8 до 10 мај ќе се одржи во Будимпешта, Унгарија, пишува МИА.

Филмот ќе биде прикажан на фестивалската програма на 8 мај и се натпреварува за награда која ќе биде објавена на 9 и 10 мај.

Оваа година младите филмаџии се натпреваруваат во категориите: долгометражен, анимација, документарен, експериментален, музички видео спот итн.

Претседател на жири комисијата е угледниот германски режисер и продуцент Detlef Fluch, а членови се и режисерот Mihaly Schwechtje, како и визуелната уметница Eva Martus.

Во краткиот филм „A Stolen Smile“ (2014) се зборува за проблемите со кои се соочуваат младите луѓе во процесот на созревање. Станува збор за тинејџерка, која ги трпи последиците во животот од нејзиниот погрешен чекор.

15-годишниот Сарчевски досега има режирано осум кратки филма. Учествувал на неколку домашни и меѓународни филмски манифестации и фестивали, изложби за фотографија и има освоено неколку награди.