Македонскиот тенор Благој Нацоски со концерт во Џенова

Под името „Седум песни од светлина и прав” македонскиот тенор Благој Нацоски ќе одржи концерт во монденскиот локалитет Санта Маргерита Лигуре во Џенова, Италија во вторник вечер, како дел од италијанско-македонската вечер посветена на 20-годишнината од воспоставување на дипломатските односи помеѓу двете земји, пренесе Макфакс.

Македонскиот тенор Благој Нацоски со концерт во Џенова

Во својство на амбасадор на културата на Македонија тој е и коорганизатор на концертот кој е дел од програмата за меѓународна афирмација на Министерството за култура за 2014 година.

Нацоски за овој настан нарача да се напише и специјално дело од композиторот Анџело Инглезе, на стихови од Никола Маџиров. Се работи за циклус од седум песни на Маџиров, претворени во музика и тоа за камерен состав: два гласа, кларинет, виолина, виолончело и пијано. Циклусот кој трае триесетина минути ќе биде изведен на македонски јазик, и е наречен токму „Седум песни од светлина и прав”.

Во останатиот дел од програмата ќе бидат изведени и италијански дела од дваесетиот век, како и македонски дела од Прокопиев, Фирфов и Зографски (по повод 80години од неговото раѓање). Македонските дела ќе ги изведат гости на Нацоски, а ќе настапат Адријана Јоција – сопран, Луиџи Скифано – контратенор, Елена Бакјарело – кларинет, Константин Чобану – виолина, Џакомо Бјаџи – виолончело и самиот композитор Анџело Инглезе на пијано.

Концертот беше најавен и на националната ТВ Раи 3 каде гостуваше нашиот тенор. По овој концерт Нацоски ја продолжува својата меѓународна солистичка активност. Најпрвин кон крајот во август ќе дебитира во Прага, по што ќе следуваат настапи во Бангкок, Пиза, Трст, Токио, Монтевидео, Амстердам.

Извор: Макфакс