Македонската компанија МаМа Органа победи во категоријата „стартап со најдобар раст на работните места“ на Европските награди за стартапи (StartUp Europe Awards), кои вчера се одржаа во Романија.
Основачката на компанијата, Наталија Бургиева, ја прими наградата од Еврокомесарката за дигитална економија и општество Марија Габриел.
Европските награди за стартапи се доделуваат за општествено одговорни стартапи, како дел од иницијативата „Startup Europe“ на Европската Комисија и Фондацијата Финнова.
Освен МаМа Органа, награди добија и „OKRA Technologies“ од Обединетото Кралство (најдобар стартап на чие чело е жена), „Bolt“ од Естонија (најдобар стартап чиј основач има помалку од 30 години); NorthQ од Данска (најдобар стартап од програмата на Обединетите нации, Sustainable Development Goals); Kidibot од Романија (стартап со најдобра социјална инклузија).
Најдобрите пет стартапи во Европа беа избрани од конкурнција на 70 апликанти од 20 европски држави.
МаМа Органа e компанија која од отпад од храна произведува органски ѓубрива и обезбедува работни места за социјално загрозени лица. Досега овој бизнис модел на Мама Органа има освоено повеќе награди во Македонија и во Европа.