Македонскиот превод на „Улис“ отсега е достапен во Фондацијата „Џејмс Џојс“ во Цирих

Преведувачката Марија Гиревска минатата недела достави примерок од македонскиот превод на романот „Улис“ на ирскиот писател Џејмс Џојс (во издание на Конгресен сервисен центар од Скопје) во Фондацијата „Џејмс Џојс“ во Цирих.

Фондацијата е основана во 1985 година во чест на ирскиот писател Џејмс Џојс (1882 – 1941), кој дел од својот креативен живот го поминал во Цирих каде што е и погребан.

Гиревска беше срдечно пречекана од директорот на Фондацијата, проф. Фриц Сен и од кураторките Рут Френер и Урсула Зелер. На средбата беа разменети размислувања околу преводот и преводливоста на ова капитално книжевно дело на Џојс на македонски јазик. На крајот од средбата, откако се потпиша во „книгата на впечатоци“, преведувачката го потпиша и македонското издание на „Улис“.

Покрај предавањата на Универзитетот во Цирих, во просториите на Фондацијата, Сен повеќе од триесет години води работилници и редовни читања на романите „Улис“ и „Финегановото бдеење“ заедно со студентите, преведувачите, проучувачите и љубителите на делото на Џојс од целиот свет.

Македонскиот превод на „Улис“ е 41 превод во колекцијата на преводи што ја поседува Фондацијата „Џејмс Џојс“ во Цирих.

Во 2013 година во Скопје на Марија Гиревска ѝ беше доделена наградата „Златно перо“ за преводот на „Улис“ од Џејмс Џојс.