Македонскиот пејач Даниел Кајмаковски ноќеска киднапиран во Белград

Пејачот Даниел Кајмакоски синоќа бил киднапиран во Белград, во близина на Бетон хала, при што киднаперите од него побарале откуп од 20.000 евра. Според неофицијални информации, напаѓачите го врзале и го однеле со неговото сопствено возило кон Рума.

Драмата, за среќа, завршила без трагични последици кога на патот наишла полициска патрола. При обидот да бидат запрени, киднаперите удриле во банкината, излегле од возилото и побегнале, а по нив сè уште се трага. Се сомнева дека станува збор за странски државјани, а не се исклучува можноста да се работи и за мигранти.

Кајмакоски е познат во јавноста не само по својата музичка кариера, туку и по својата хуманост. Кога победи во шоуто „Твоето лице звучи познато“, тој ја донираше целата награда од 25.000 евра на самохрана мајка од Куманово со две деца кои боледуваат од иста тешка болест.

„Долго размислував кому најмногу би му значеле тие пари. Го послушав срцето. Најпотребни ѝ се на мајка која се бори за животот на своите деца. За нивните операции се потребни 100.000 евра – јас давам четвртина“, изјави тогаш Кајмакоски.

Истрагата за случајот со киднапирањето е во тек, а полицијата работи на идентификација и пронаоѓање на сторителите.